Letsfundit.mk – прва crowdfunding платформа која ги поддржува креативните умови во Македонија

176
naslovna
Марко Георгиевски (прв од лево) – координатор на платформата letsfundit.mk и Виктор Митевски (шести од лево) – претседател на СВТ Алумни Македонија

Група млади ентузијасти имаше идеја да понуди нов, нетрадиционален начин на финансирање на бизниси и проекти во Македонија, актуелен и популарен во Западна Европа и во САД, кој ќе им овозможи на младите да ги соберат потребните средства за да започнат сопствен бизнис. Така настана letsfundit.mk, првата платформа за групно вложување во Македонија. За целиот процес на креирање на платформата и за тоа како функционира, објаснуваат Виктор Митевски и Марко Георгиевски.

БИ: Letsfundit.mk е прва crowdfunding платформа во Македонија. Што ве поттикна да покренете ваков проект?

Уште на самиот почеток кога почнувавме со развивање на идејата за платформа за групно вложување, основен предизвик ни беше можноста за да понудиме нов, нетрадиционален начин на финансирање на бизниси и проекти во Македонија, а кој е актуелен и популарен во Западна Европа и во САД. Едноставно сакавме, пред сé, на младите да им овозможиме да ги соберат средствата потребни да започнат бизнис на еден едноставен, пријателски и интересен начин. Со воведувањето на овој начин на финансирање сакаме да го поттикнеме претприемничкиот дух кај младите, но и да ги поттикнеме да започнат со свои сопствени бизниси кои ќе креираат нови работни места за сите. На овој начин сакаме да придонесеме во намалувањето на стапката на невработеност кај младите во Македонија, која сите знаеме дека е една од највисоките во Европа.

БИ: Колку македонските граѓани се запознаени со crowdfunding пристапот за финансирање на проекти и идеи? Може ли накратко да објасните како функционира овој систем?

Во Македонија, но и во целиот регион, групното вложување, за жал, е многу малку застапено и речиси да не постои. Тоа ни дава поголема мотивација и предизвик за поставување нови димензии во преприемништвото не само во Македонија, тука и во регионот. Генерално македонските граѓани не беа запознаени со овој начин на групно вложување во проекти и бизниси. Сепак еден мал дел од младите луѓе со кои сме се сретнале во изминатите пет месеци ни кажуваат дека имаат чуено за овој поим, а некои од нив ги имаат посетувано и имаат вложувано во проекти поставени на американските платформи за групно вложување. Во последниве две години неколку граѓани на Македонија се обиделе и да соберат средства за нивните проекти на странски crowdfunding платформи, но тие обиди биле неуспешни, пред сé затоа што концептот на групно финансирање најчесто успева тогаш кога креаторите се обидуваат да соберат средства за локални проекти во кои локалното население би вложувало, односно една од главните причини за успех е мрежата на пријатели, познаници и поддржувачи со кои располагаат креаторите. Дополнително мотивот кај локалните поддржувачи е поголем доколку бизнисот или проектот директно ги засега нив и нивното опкружување.

Letsfundit.mk како платформа е многу функционална и едноставено направена и за вложувачите и за креаторите на проекти. Од креаторите се бара да снимат 2-3 минутно видео за визуелно да го престават својот проект на своите потенцијални вложувачи, накратко со 300 до 500 зборови детално да го објаснат проектот, да ги наведат предизвиците и ризиците со кои би можеле да се соочат и секако да напишат кратка биографија за нив, бидејќи вложувачите сакаат да знаат каде и на кого ги даваат средствата. Имајќи предвид дека Letsfundit.mk е традиционална платформа за групно вложување, можност за собирање на средства имаат само проекти и бизниси кои имаат свој почеток, крај и конкретни резултати. Токму затоа платформата не прифаќа донациски проекти.

Исто така креаторот треба да понуди интересни награди за своите потенцијални вложувачи со кои дополнително ќе ги мотивира да допринесат за реализација на проектот. Наградите треба да бидат интересни, уникатни и директно поврзани со проектот за кој се бараат средствата.

2 int

Од друга страна пак, вложувачите кои имаат направено профил на letsfundit.mk, водејќи се од сопствените интереси, сами избираат во кој проект ќе вложат одредена сума на пари. По изборот на проектот тие ја внесуваат сумата која би сакале да ја вложат во тој проект и секако на крај ја избираат наградата која им следува во зависност од вложената сума. Целиот процес се заокружува со електронската наплата преку CaSys системот и УниБанка кои гарантираат за сигурноста на сите трансакции направени преку letsfundit.mk.

Letsfundit.mk e транспарентен начин на собирање средства, па токму затоа сите посетители на платформата можат да го следат прогресот на секој проект, односно да ги следат промените на собраните средства, преостанатите денови за вложување, бројот на вложувачите, како и тоа која награда колку пати била избрана. Дополнително во моментот на секоја успешна трансакција системот автоматски испраќа имејл на креаторите и на вложувачите со вложената сума, награда и податоците за контакт на креаторот, односно вложувачот.

БИ: Кои услови треба да ги исполнува еден проект за да биде ставен на платформата?

Најпрво ги охрабруваме сите креатори кои сакаат да постават проект на letsfundit.mk внимателно да ги прочитаат условите за користење и политиката на приватност на платформата. Креаторот мора да биде полнолетен граѓанина на Р. Македонија кој има активна банкарска сметка во некоја од комерцијалните банки во Македонија. Понатаму, за да може проектот да биде поставен тој мора да има изработено видео и да има соодветен систем на награди кои ќе бидат понудени на вложувачите. Секој проект треба да припаѓа на една од следниве категории: Музика и уметност; Игри и Мултимедија; Филм и Театар; Екологија; Технологија; Мода и дизајн; Книги и стрипови; Start Up; Невладини организиции и Настани. Текстот и видеото кои ќе биде поставени на платформата не смеат да содржат говор на омраза или навредувачки зборови и фрази.

БИ: Кои категории се најактивни? Каде има најмногу проекти?

Досега во петмесечното функционирање на letsfundit.mk беа поставени 10 проекти кои најмногу припаѓаат во категоријата старт -ап. Иако досега има само еден успешен проект од оваа категорија, сепак таа е најатрактивна за младите луѓе во Македонија. Најмногу средства се вложени во категоријата книги и стрипови, потоа игри и мултимедија и старт ап бизниси.

БИ: Колку проекти досега се успешно завршени?

На letsfundit.mk досега целосно успешно финансирани се три проекти. Domino the effect кој припаѓа на категоријата старт – ап успеа да собере 5% повеќе од бараната сума. Вториот успешен проект е Драма во автобус, алтернативен театарски перформанс кој собра 15% повеќе и третиот целосно успешен проект е Човекот после мостот кој успеа да собере дури 33% повеќе средства од целната сума. Good Game (GG) е исто така успешен проект иако не успеа на ги собере бараните средства. Успешен е бидејќи сите вложени средства кои вложувачите ги вложија во овој проект решија да му ги остават на креаторот за да може да ја реализира својата идеја, без разлика што тој не успеа да ги собере сите барани средства. Проектот ќе биде реализиран во септември 2014 г.

БИ: Колку била највисоката вложена сума до сега?

Највисоката вложена сума до сега е 60.000 денари во проектот Човекот после мостот. Просечната сума на вложување досега изнесува 1014 денари, што е блиску до просекот во американските платформи за групно вложување.

БИ: Што се случува со парите од проектите што нема да ја соберат целата барана сума?

По завршувањето на crowdfunding кампањата, проектите кои не се целосно финансирани можат да ги задржат средствата, но само доколку вложувачите одлучат така. Тоа значи дека секој вложувач ќе биде известен да избере една од трите опции кои се нудат, односно може да ги остави средствата во проектот во кој вложил, може да ги пренасочи во некој друг проект кој е во тој момент активен на платформата или едноставно да ги побара средставата назад на својата сметка. Потоа администраторите на letsfundit.mk го спроведуваат циклусот во зависнот која опција ќе биде изберена.

БИ: Со какви предизвици се сретнувате во работата?

Воведувањето за прв пат на ваков алтернативен начин на финансирање во Македонија е предизвик сам по себе. На почетокот, но и сега, се соочуваме со скептицизмот кај македонските граѓани дека овој концепт успева само во високо развиените економии. Токму затоа потребно е постојано промовирање на овој концепт. Нашиот тим секогаш е на располагање на сите оние кои сакаат да дознаат нешто повеќе за групното вложување. Исто така секој оној кој сака да започне кампања на платформата добива бесплатен совет сé со цел проектот да биде што е можно повеќе подготвен за реализација. Голема предност претставува фактот што Македонците сакаат нови работи и лесно се навикнуваат на нив, така што се надеваме дека групното вложување наскоро ќе ја добие потребната поддршка од целокупната јавност.

3int

БИ: Каде е Македонија на картата на Балканот и Европа во поглед на ваквиот начин на поддршка на идните претприемачи и старт-ап заедницата?

Македонија треба да биде горда што има прилика да ги поддржува креативните умови, без разлика од која област доаѓаат, преку промовирање на групното вложување. Освен Грција, Словенија и многу слабо Хрватска, Македонија се наоѓа на мапата на пионерите на овој вид на алтернативен начин на финансирање, односно е меѓу првите земја во која се нуди традиционален crowdfunding. Нашата визија е letsfundit.mk да прерасне во првата регионална платформа која ќе ги обедини земјите од нашето опкружување.

БИ: Што планирате за понатаму?

Letsfundit.mk наплаќа провизија за сите успешно реализирани проекти. Провизијата целосно се реинвестира во надоградба и подобрување на функционалноста на платформата, но исто така таа се користи и за едукација на администраторите и потенцијалните корисници на платформата. Со ова се потврдува дека letsfundit.mk е целосно социјално претпријатие, иако се уште формално не функционира така.

Исто така една од нашите цели е да ја кренеме свеста кај надлежните институции за потребата од воведување законска регулатива која ќе го опфати групното вложување. Во моментов  нашите активности делумно се регулирани со законот за донации и спонзорства, но тоа не е доволно за овој концепт да може да ги понуси сите негови придобивки за заедницата.

Во иднина, како и до сега, се концентрираме да стигнеме до што е можно повеќе проекти кои сметаме дека би можеле да имаат успешни кампањи и кои ќе започнат со функционирање како бизниси или иницијативи во Македонија.

letsfundit-infographic1-page-001