Логистички центар во зоната Чојлија, инвестиција од милион евра

91

a5.jpg-12-500Нов логистички центар, инвестиција на компанијата Глобекс ДОО Скопје ќе се гради во индустриска зона Чојлија во општина Петровец.

Во центарот ќе бидат инвестирани милион евра и за почеток ќе бидат отворени 30 нови работни места.

Ова го најави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески по поставувањето на камен темелникот за изградба на центарот.

Планирано е објектот, што се гради на површина од 7.000 метри квадратни, да биде завршен во првиот квартал следната година.

“Инвестицијата дополнително ќе придонесе за општина Петровец и за Република Македонија. Предвидени се 30 вработувања во првата фаза, а вкупниот број на вработени што се планираат е 360”, изјави Јанакиески.

Во индустриската зона Чојлија досега се продадени 65 парцели, а според Јанакиески, за дел од планираните активности наскоро ќе бидат поставени камен темелници.

“Очекуваме уште неколку камен темелници во текот на оваа година, а најмногу во 2014. Воспоставивме специјален софтвер со кој во соработка со општините го следиме исполнувањето на роковите за предвидената изградба и очекуваме многу бргу за две до три години ова да стане вистинско градилиште и индустриска зона во која ќе работат илјадници луѓе не само од општина Петровец, туку и од околните”, рече Јанакиески.

Борче Митевски градоначалникот на општина Петровец очекува голем интерес од инвеститорите за оваа индустриска зона, во која се обезбедени потребните инфраструктурни услови.