Логистички предизвик – каков пат треба да помине вакцината?

63

Веднаш штом компаниите Pfizer i BioNTech објавија дека нивната вакцина за коронавирус покажала над 90% успех, без некои сериозни несакани ефекти, земјите во светот започнаа да се подготвуваат за препаратот што мора да се чува на -70 степени Целзиусови.

Веста ја поттикна надежта за враќање во нормалниот живот, со закрепнување на берзите, но сега вниманието се свртува кон практичните прашања за брза испорака на вакцината до луѓето ширум светот, особено до ризичните групи на кои им е најпотребна.

Ник Дојл, генерален директор на консултантската фирма Kroll вели: “Тоа ќе биде голем предизвик. За сиромашните земји посебно во субсахарска Африка, Јужна Америка и Азија ова ќе биде тешка задача“.

Матишидо Моети, регионален директор на Светска здравствена организација за Африка, вели дека вестите за развој на вакцина се возбудливи, но тие исто така најавуваат сериозен проблем за одржување на ладен ланец на достава во африканските земји

Тоби Питерс, професор по економија на универзитетот во Бирмингем ги потврдува ваквите оценки и додава дека многу рурални населби немаат фрижидери ни за обични вакцини.

Два магацини со големина на фудбалско игралиште, натоварени со стотици големи замрзнувачи – едниот во градот Каламазу во Мичиген, другиот во Пурс, Белгија – ќе бидат во центарот на огромната глобална дистрибуција на вакцината. Други “фарми за фрижидери“ во град во Висконсин и во Карлсруе, Германија се подготвуваат да дадат дополнителен простор за складирање.

Оттаму, вакцините ќе се транспортираат во кутии со големина на куфер, исполнети со сув мраз според посебен дизајн на Pfizer. Секоја од овие кутии за повеќекратна употреба може да собере од 1.000 до 5.000 дози на ултра-ниски температури и до 10 дена. Pfizer вели дека нивната вакцина може да се чува до пет дена на температура помеѓу 2 и 8 степени Целзиусови.

Кутиите што се следат преку GPS ќе и овозможат на Pfizer брза транспорт на вакцината: компанијата очекува дневен сообраќај од вкупно 24 камиони од Каламазу и Пурс до аеродромите, со околу 7,6 милиони дози на ден. Логистичките компании UPS, FedEx и DHL исто така се подготвуваат за транспорт на вакцини за кои е потребно ледено складирање. UPS изгради две фарми за ладилници, во Холандија и САД, каде што можат да се сместат вкупно 600 замрзнувачи за 48.000 дози вакцини на температура до -80С. DHL, исто така, отвори нов објект за ладење во Индијанаполис, додека FedEx набави дополнителни замрзнувачи и фрижидери.

Некои вакцини за коронавирус, кои сè уште се во фаза на развој, не мора да се чуваат на многу ниски температури, вклучувајќи ја и онаа на која работи американската компанија Moderna  што може да се чува на -20 степени Целзиусови, што е во опсегот на домашните замрзнувачи. Вакцините развиени од Johnson и Johnson во САД, AstraZeneca во партнерство со Универзитетот Оксфорд, како и француската Sanofi и британската фармацевтска компанија GlaxoSmithKline ќе можат да се чуваат и транспортираат без потреба од замрзнување, пишува Гардијан.

Фото: Pixabay