Лончар Велкова: Потрошувачите сè уште доволно не ги познаваат правата при купување преку интернет, не можат да препознаат измами

192

Пандемијата ја забрза електронската трговија, но потрошувачите сè уште доволно не ги познаваат правата при купување преку интернет, не можат да препознаат измами, вели претседателката на Организацијата на потрошувачите на Македонија, Маријана Лончар Велкова, во интервју за Бизнис Инфо.

Бизнис Инфо: Колку пандемијата ги промени навиките на потрошувачите во Македонија?

Пандемијата придонесе да се сменат навиките, односно потрошувачите да се ориентираат кон онлајн купување, што има свои предности: заштедува време, пари и овозможува снабдување со потребните производи во време на изолација, ограничување на движењето или здравствени проблеми предизвикани од Ковид-19. Според нашите сознанија најголем број потрошувачи се одлучиле онлајн да купат текстилни производи, нешто помал број купувале обувки и козметика, додека најмал дел се одлучиле да купат електронски апарати (мобилни телефони, телевизори, лаптопи, преносни компјутери).

Бизнис Инфо: Имајќи предвид дека рестриктивните мерки овозможија раст на електронската трговија, освен големите придобивки, кои беа главните забелешки што ги имаа македонските потрошувачи од онлајн купувањето?

Голем број поплаки на интернет купувањето се однесуваа на испорака на производи со поинакви карактеристики од нарачаните или пак производот бил испорачан надвор од договорениот рок. Исто така, потрошувачите приговараат дека нарачаниот/купениот производ воопшто и не бил доставен, дека примиле оштетен производ или дека немале начин да го вратат производот и да си ги вратат платените средства поради тоа што не можеле да воспостават контакт со продавачот, односно поради неговата недостапност.

Потрошувачите сè уште доволно не ги познаваат правата при купување преку интернет, не можат да препознаат измами, а поголемиот број од нив мислат дека продажбата на социјалните мрежи (Фејзбук и Инстаграм) е продажба од страна на регистриран трговец.

Во вакви случаи не може да се примат законските одредби, потрошувачите не добиваат фискална сметка, немаат можност да го вратат производот или средствата кои ги дале да им бидат вратени.

Бизнис Инфо: Колку потрошувачите во Македонија ги знаат своите права и како најчесто реагираат доколку забележат непочитување или кршење на нивните права?

Ние им помагаме на потрошувачите во осознавањето на правата. Во изминатиот период најголем број поплаки од потрошувачите се однесуваа на продажбата на производи (бела техника, технички апарати и мебел). Зголемен број поплаки има во делот на навремено доставување на нарачан мебел, иако потрошувачите имале уплатено средства за производот, продавачите не го доставиле мебелот во договорениот рок, а притоа иако доцнат со испораката, одбиваат да им ги вратат уплатените средства. Значителен број поплаки имаше во остварување на правата од гаранција и сервисирање на производите од бела техника и техничките апарати, каде што потрошувачите чекаат долг период сервисерот да помине во нивниот дом, или кога производот е однесен на сервис истиот да биде поправен во рок од 30 дена. Потрошувачите се јавуваат во ОПМ за да се консултираат за потоа да можат соодветно да реагираат. Во најголем број случаи споровите кои потрошувачите не можат да ги решат со продавачот се решаваат преку Државниот пазарен инспекторат доколку се работи за непрехранбени производи или за цената на производите.

Бизнис Инфо: Европска унија ги заострува правилата во однос на сервисирање на производите, односно да има резервни делови на пазарот и уредите да се поправат до 10 години од моментот на купување. Каква е ситуацијата кај нас по тоа прашање? 

Ова е предвидено согласно ЕУ Директивата за еко дизајн и се однесува само за пет видови производи за кои е проценето дека потрошувачите најмногу ги користат и ги имаат во своите домови: производи за осветлување, фрижидери, телевизори, машини за миење садови, како и машини за перење алишта. Според оваа Директива, составните делови на производите треба да бидат достапни за поправка во минимум период од 7 до 10 години од производството. Исто така потрошувачите треба да бидат информирани за начинот на одржување и поправка на овие апарати и уреди. Едниот дел од овие мерки се однесуваат на пролонгирање на животниот век на производите.

Кај нас се очекува овие промени да бидат содржани во новите законски прописи, особено во доменот на продажбата на производите и гаранцијата поврзано со прописите за еко дизајн. Сè повеќе производи имаат помал рок на употреба и од тие причини се јави и сомнежот во ЕУ за намерното намалување на рокот на употреба од страна на производителите. Со оглед дека кај нас се работи претежно за производи од увоз потребно е да се внимава од страна на увозниците колкава е гаранцијата што производителите ја даваат за исправното функционирање на производите за осветлување, фрижидерите, телевизорите, машините за миење садови, како и машините за перење алишта.

Бизнис Инфо: Какви активности Организацијата на потрошувачите на Македонија планира за 2021 година, во поглед на едукација и унапредување на правата на потрошувачите?

Во 2021 година продолжуваме со нашите активности на информирање, едукација, советување на потрошувачите како и застапување на нивните права пред одредени државни органи и институции. Ќе работиме на спогодбено решавање на споровите со трговците, сертифицирање на трговците и производителите со ознаката „фер со потрошувачот“, подигање на финансиската писменост, поголемо учество на Советите на општините во заштита на потрошувачите, следејќи го примерот на Град Скопје и секако унапредување на правната регулатива и правата на потрошувачите во сите области. Доколку се донесе новиот закон за заштита на потрошувачите кој го очекуваме оваа година, секако ќе се посветиме на кампања во јавноста заради негово подобро разбирање, но и за усогласување на другите прописи во државата со европското право од областа на заштита на потрошувачите.

Фото: Facebook