Македонија, Албанија и Косово со договор за признавање на работниот стаж за земање на пензија

52

Директорите на фондовите за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, Албанија и Косово, Белим Незири, Вјолца Брахо и Сами Салиху денеска и утре одржуваат работна средба чија цел е да се разменат податоци, информации и искуства, да се направат напори да се отстранат техничките проблеми при функционирањето на Договорот за социјално осигурување со Косово и да се изработи драфт-верзија за ист таков договор меѓу Македонија и Албанија.
“Договорот меѓу Македонија и Косово стапи на сила во ноември, со кој двете земји се обврзани да го признаат стажот на граѓаните од двете држави се до стекнување на минимална пензија. На крај на состанокот очекуваме да најдеме начин да ги отстраниме техничките проблеми во неговото спроведување, а работите кои тој не ги дефинира поконцизно, тоа да се направи со други правни акти кои ќе се темелат на Договорот”, рече Незири.
Според информациите со кои располага Фондот на ПИОМ, околу 2.500 македонски граѓани ќе можат да се стекнат со право на пензија доколку им се признае стажот од работата во Косово, а околу 2.000 косовски граѓани би оствариле ова право доколку им се признае работниот стаж од Македонија.
Косовскиот колега го дели ставот на Незири дека има технички проблеми во практичното спроведување на постигнатиот и потпишан Договор за социјално осигурување и оти тие треба да се отстранат во интерес на граѓаните.
“Ќе направиме напори да се отстранат сите пречки тој да може да се имплементира. Ќе се осврнеме и на работите кои не се опфатени во Договорот, за да може тој полесно да се спроведува”, рече Салиху.
Директорката на пензискиот фонд во Албанија истакна дека договарањето со Македонија е во завршна фаза и кога ќе биде постигнат договор сите граѓани на Македонија кои живееле и работеле во Албанија и обратно, ќе им биде признаен стажот без разлика каде одлучиле да живеат.
Во Албанија последно зголемување на пензиите имало во 2012, а просечната пензија е 100 евра. Во Косово просечната пензија е 112 евра, а во Македонија околу 170 евра.