ИТЛогистика е македонско-германска компанија отворена во 2005 година како мала консултантска куќа која им помагаше на странските инвеститори да започнат и да го водат својот бизнис. Во изминатите 10 години ИТЛогистика растеше заедно со пазарот. Главната дејност сè уште е деловното советување, со фокус кон овозможување на аутсорсинг услуги на бизнис процеси на странски компании. Компанијата брои 30-тина вработени во продажба на разни продукти преку сопствениот телемаркетинг центар, а со партнери од Израел работи на развој на веб решенија за електронска трговија.
БИ: ИТЛогистика прослави 10 години од своето постоење како компанија која врши деловен консалтинг за своите клиенти. Тоа значи дека домашните компании се консултираат и бараат стручни совети за своето работење? Во што се состои вашата логистика за компаниите?
ИТЛогистика (Игор и Танер) беше формирана како консултантска куќа меѓу мене и партнерот од Германија. Наша главна цел беше да овозможиме деловна логистика или да ги водиме компаниите низ правните и финансиски лавиринти за да ги остварат сопствените цели. Со текот на времето, драго ми е што помогнавме многу мали и средни бизниси да се етаблираат на пазарот, да извезат роба надвор од Македонија или да најдат партнер за соработка, како и да дојдат до финансии за своите проекти.
БИ: Неодамна отворивте и телемаркетинг центар. Ова е нова област на дејствување во Македонија, која обезбедува простор за нови вработувања. Дали ова е професија на глобализацијата?
Лично верувам дека Македонија има одличен капацитет за овозможување аутсорсинг на деловните процеси. Дали е продажба, како што работиме ние или грижа за корисници, сервис и слично, имаме подготвен кадар со одлично познавање на светските јазици. Затоа, сè повеќе меѓународни компании ја перцепираат нашата држава како одлична локација за преселба на своите центри. Веќе не е прашање локацијата, туку техничката инфраструктура на земјата и достапниот персонал. Имаме и добра евтина инфраструктура и висококвалификуван млад кадар кој лесно комуницира на англиски, шпански и германски јазик.
БИ: Кои професии се потребни за да функционира еден телемаркетинг центар?
Вработуваме продавачи кои имаат добро познавање на странски јазици. Сепак, центарот не може да функционира без добра поддршка. Голем дел од работите се позади завесата – програмери, администратори на веб страници, веб дизајнери, систем администратори, SEO експерти и сите кои помагаат да имаме што повеќе продажби преку телемаркетинг центарот, но и преку нашите веб страници.
БИ: Како компанија работите и ИПАРД проекти. Во што се состои вашата експертиза?
ИПАРД проекти работиме уште со првиот отворен повик. Како консултантска куќа имавме повеќегодишно искуство работејќи со најразлични грантови од Европската комисија и други тела. Истото го применивме и тука. Имаме изработено повеќе од 30-тина апликации кои ги следиме од самиот почеток до нивната крајна реализација. Нашата експертиза, покрај самото познавање на процесот на аплицирање, е и повеќе упорност до конечна реализација. Остануваме со клиентот додека тој не направи поврат на инвестираните средства како грант. Секако, за нашата експертиза најдобро може да говорат нашите клиенти и бројот на реализираните договори.
БИ: Може ли еден генерален совет до компаниите од аспект на поефикасно работење и функционирање?
Инвестирајте во вработените и пред сè, размислувајте глобално. Македонија е земја на добри ресурси, но светот е поголем пазар за нашите услуги и производи. Иднината е во дигиталниот свет. Сите што не ги следат трендовите, нема да опстанат на пазарот. Гледајте што побрзо вашиот бизнис модел да ги напушти традиционалните модели на размислување и да се ориентира кон новите пазари. Како нација, честопати сонуваме да дојдеме до идеалниот бизнис и да направиме милиони. Веројатноста да успееме е дотолку поголема доколку најдеме успешен и функционален модел од надвор и го адаптираме за нашите потреби, но повторно и да го насочиме кон надвор каде пазарот е голем и неограничен.