Македонија има голем потенцијал за е-трговија

157

Под мотото  E-трговија & Ковид-19: Предизвици и можности!“, утринава во своето премиерно онлајн издание започна годишната конференција за е-трговија на која присуствуваат повеќе од 300 учесници, а свое излагање ќе имаат над триесет еминентни говорници од земјата и странство

Оваа година програмата на конференцијата се одржува во два дена, во кои ќе бидат презентирани најактуелните теми поврзани со ефектите од Ковид-19 врз работењето на бизнисите и нивна адаптација кон е-трговијата од почетокот на пандемијата, а дополнително ќе биде ставен акцент и на инклузивната дигитална економија преку претставување на инспиративни приказни на жените амбасадори за е-трговија на UNCTAD.

Овие теми, но и многу повеќе, ќе бидат разработени од преку 30 домашни и меѓународни говорници и експерти во своите области, кои ќе ги пренесат своите експертизи и искуства во областа на е-трговијата, преку предавања, панел дискусии и неформален разговори, додека во улога на домаќин на овој дводневен настан ќе биде актерот Гораст Цветковски.

“Ова е историски момент за е-трговијата. Исклучителни времиња бараат исклучителна трансформација. Сега повеќе од било кога имаме шанса да го забрзаме патот кон смарт и дигитално опшество кое значи праведно и правично општество, општество кое нуди еднакви шанси и можности за сите, кое овозможува побрз, позелен и одржлив економски развој. Северна Македонија има голем потенцијал за е-трговија, само треба што поскоро да го отклучиме и да ја ставиме дигитализацијата на нашата нација во петта брзина“, посочи претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска, во нејзиното поздравно обраќање.

Освен Ангеловска, присутните ги поздрави и Амбасадорката на САД во РСМ, Кејт Мари Брнз.

“Горди сме што им помогнавме на повеќе компании преку е-трговијата да обезбедат раст и опстанок на нивниот бизнис. Преку Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, во соработка со Македонската асоцијација за е-трговија, поддржавме 40 компании да отворат свои нови продажни канали и продавници онлајн“, изјави Кејт Мари Брнз.

На конференцијата ексклузивно ќе бидат презентирани резултатите од анализата за е-трговија со посебен акцент на влијанието на Ковид-19, а присутните ќе имаат можност и да ги слушнат истакнатите Јориј Абрахам – извршен директор на Ecommerce Foundation и Барбара Сеса – раководител на дигитални производи за широка потрошувачка за Европа во Мастеркард.

Годинашното издание на конференција ќе го збогатат и две UNCTAD амбасадорки за E-трговија за жени, Хелианти Хилман, сопственичка на веб платформа за органски прехрамбени производи од Индонезија и Назанин Данешвар, директор на веб платформа за групно купување од Иран кои ќе зборуваат на панел дискусијата E-trade for Women: Get Empowered & Inspired, во која ќе се вклучи и Нина Ангеловска, која исто така е една од седумте амбасадорки за E-трговија за жени, назначени од UNCTAD.

Од домашните говорници, своја презентација ќе имаат Филомена Аспровска Пљаковска од Касис АД Скопје и Иво Стојановски од A1 Македонија, Јана Дурнева од Phillip Morris International како и многу други еминентни  претставници на компании за е-трговија или други чинители од екосистемот на е-трговијата, велат од Асоцијацијата.

Од АЕТМ уште еднаш го потенцираат одличниот интерес кој овие теми го имаат помеѓу македонската експертска јавност, а истото се потврдува и со големата онлајн посетеност со повеќе од 300 учесници од 150 компании, здруженија, организации и државни институции – акцентот е уште поголем посебно поради фактот што годинава конференцијата се одржува онлајн.