Македонија лани најмногу тргувала со земјите од ЕУ

11

Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари-декември 2013 година, изнесува 4.266.861 илјади американски долари, а на увозот 6.599.824 илјади американски долари. Покриеноста на увозот со извоз изнесува 64,7%. Трговскиот дефицит, во периодот јануари-декември 2013 година, изнесува 2.332.963 илјади американски долари.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, производите од железо и челик (валани производи), облеката и преработките од нафта. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), платината и легурите на платина, необработени или во прав, електричната енергија и моторните возила за превоз на лица.
Во периодот јануари-декември 2013 година, најголемо учество во извозот на стоки имаат земјите-членки на ЕУ 72,6% и земјите од Западен Балкан 17,6%, а во увозот на стоки најголемо учество имаат земјите-членки на ЕУ 62,6% и Останати земји, на друго место неспомнати 11,6%.
Според вкупниот обем на надворешно – трговската размена, Република Македонија најмногу тргува со Германија, Грција, Велика Британија, Србија и Италија, 50,1% од вкупната надворешно-трговска размена се врши со овие пет земји.