Македонија оценета со четворка од странските туристи

21

turisti-pexels-1

Фото: Pexels

Вкупната просечна оценка на услугите што странските туристи ги добиле во Македонија во 2016 година е 4,05, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика по повод 27-ми септември, Светскиот ден на туризмот.

Највисока оценка (5) добија објектите на плажа на бањските лекувалишта и сместување во мотелите. Од друга страна, најниска оценка (2,56) доби забавата и ноќниот живот и патната мрежа (2,8) во бањските лекувалишта.

Странските туристи го оценуваа: сместувањето, хигиената на јавни места, безбедноста, здравствени услуги, однесувањето на луѓето, аеродромските услуги, рестораните, патната мрежа, забавата и ноќниот живот, природната средина, хигиената на плажите и езерата, објектите на плажата, археолошките и историските ресурси.

Статистиката покажува дека во периодот јуни – септември 2016 година, најголем дел од патниците во возила со странска регистрација (48%) транзитирале низ Македонија.

Просечно, странските туристи во текот на минатата година за ноќевање потрошиле 9.040 денари.

Минатата година, најбројни од странските туристи се гостите од Турција – 105.738 или 21%. Странските туристи кои престојувале во Македонија во 2016 година, најголем број на ноќевања (42%) оствариле во хотели со четири ѕвезди.

Според видот на туристички места, најмногу туристи се забележани во езерските туристички места (382.938), а потоа следи главниот град каде што престојувале 228.602 туристи.

Туризмот и угостителството учествуваат со 1,2% во вкупниот бруто домашен производ на земјата.