
Иако генеративната вештачка интелигенција брзо станува дел од секојдневието на Европејците, Македонија и натаму заостанува зад европскиот просек, но бележи подобра позиција од дел од земјите во регионот. Според најновите податоци на Евростат, во 2025 година 22 проценти од граѓаните во Македонија користеле алатки за генеративна вештачка интелигенција – повеќе отколку во Србија и Босна и Херцеговина, но значително помалку од дигитално најнапредните земји во Европската Унија.
Во текот на 2025 година, генеративните алатки на вештачката интелигенција (ВИ) ги користеле 32,7 проценти од жителите на Европската Унија на возраст меѓу 16 и 74 години, според најновите податоци од Европскиот завод за статистика (Евростат).
Најголемиот број корисници ги користеле овие технологии за лични цели (25,1 процент), додека 15,1 процент ги користеле за деловни цели, а 9,4 проценти за формално образование.
Меѓу земјите-членки на ЕУ, генеративната вештачка интелигенција беше најзастапена во Данска, каде што ја користеа 48,4 проценти од граѓаните. Потоа следуваат Естонија со 46,6 проценти и Малта со 46,5 проценти од корисниците.
Најнизок удел на граѓани кои користат алатки за генеративна вештачка интелигенција е забележан во Романија (17,8 проценти), Италија (19,9 проценти) и Бугарија (22,5 проценти).
Македонија и Босна и Херцеговина ја престигнуваат Србија
Како што може да се види на интерактивната мапа на Евростат, во нашата земја 22 проценти од граѓаните користеле алатки за генеративна вештачка интелигенција во 2025 година.
Во регионот, во Србија 18,6% користеле алатки за вештачка интелигенција Хрватска 27,5 проценти, во Босна и Херцеговина 20,3 проценти, а Бугарија 22,5 проценти. Грција и Словенија се со поголем процент на учество, односно 44,1 процен и 37, 6 проценти. За Црна Гора, Албанија и Косово нема податоци.

Податоците на Евростат доаѓаат од истражување за употребата на информатичко-комуникациски технологии во домаќинствата и меѓу поединците, и се дел од поширока анализа на дигиталната економија и општество, презентирана во посебна публикација.











