Македонски Телеком и Т-Мобиле на водечката позиција на пазарот и во 2013

21

mk telekomМакедонски Телеком и Т-Мобиле остануваат на водечката позиција на пазарот и во 2013 година. Продолжува трендот на пораст во интернет и IPTV сегментот, а се намалуваат приходите од говорните услуги во фиксниот сегмент.

Во текот на 2013 година, приходите од продажба на ниво на Групација изнесуваат 12,4 милијарди денари што претставува намалување од 9% во споредба со 2012 година. Оперативните трошоци се намалија за 5,2%, додека вкупните капитални инвестиции (CAPEX), изнесуваат 3,2 милијарди денари. Нето добивката изнесува 2,0 милијарди денари и е намалена за 47,3% во споредба со минатата година.
Но, и покрај негативните трендови Македонски Телеком останува силен лидер на пазарот со 69,0% удел во сегментот на фиксна телефонија и 52,5% во широкопојасен интернет.

Наспроти падот на приходите од говорните услуги во фиксниот сегмент, што е тренд и на европско ниво, приходите од Интернет и дигитална телевизија преку интернет протокол (IPTV) се зголемија за 6,1% во споредба со истиот период од минатата година. Македонски Телеком има најголем удел и на ТВ пазарот од 21% (интерна проценка), што е резултат на високиот квалитет на услугата, интерактивноста и уникатното ТВ искуство, заради што бројот на корисници на IPTV на крајот на 2013 изнесува 88.000, што е пораст од дури 32,6%.

„Големиот пораст на приходите на полето на интернет и IPTV, лидерството на ТВ пазарот, каде влеговме како предизвикувачи на доминиран пазар, зборува за нашата силна определба да бидеме иновативни и секогаш свртени кон новите трендови и текови, но и да вложиме во нив. Токму ова го надминува падот на говорните услуги и ја докажува нашата лидерска позиција и довербата на корисниците“, изјави Андреас Маиерхофер, главен извршен директор на Македонски Телеком.

Фокусот на double и triple play пакетите донесе зголемување на DSL корисниците за дури 7,8% со што корисничката база на крајот од 2013 година е 186.000 DSL корисници.

Бројот на корисници на фиксната телефонија на крајот од 2013 година е намален за 8,5% во споредба со 2012 година, со што корисничката база изнесува 267.000 корисници.

„Приходите од класичните услуги, како што се говор и СМС опаѓаат, тоа е светски тренд и ги погодува сите телекомуникациски компании. Силната конкуренција, исто така, придонесува за постојан пад на цените и намалување на приходите. Но, сепак и покрај негативните трендови, Т-Мобиле останува број еден на македонскиот пазар, што зборува дека нашата стратешка посветеност на супериорноста на мрежата и на иновативните услуги на новата генерација е во вистински правец“, изјави Жарко Луковски, главен извршен директор на Т-Мобиле Македонија.

Во мобилната телефонија, Т-Мобиле Македонија останува лидер на пазарот и покрај силното конкурентно опкружување со удел од 47,5% (интерна проценка) и 1,2 милиони корисници. Приходите од говорни мобилни услуги во 2013 година се намалени за 15,5% како резултат на намалувањето на тарифите. Продолжи трендот на зголемено користење на мобилните услуги, при што во пакетите за иста цена се опфаќаат сé повеќе минути. Следствено се намалува и просечниот приход по корисник (ARPU) за 10,8%. Како резултат на зголемената побарувачка на мобилен интернет, но и намалениот број на испратени СМС пораки, приходот од неговорните услуги има зголемување од 1,5%.