Македонските менаџери можат да продуцираат успешни приказни

319
Сашо Јовановски, директор на македонската филијала на Даталаб
Сашо Јовановски, директор на македонската филијала на Даталаб

Даталаб Македонија е компанија која се занимава со деловен софтвер. Деловниот софтвер Pantheon овозможува управување над сите деловни процеси што ги имаат сите фирми во светот: понуди, фактурирање, сметководство, производство, финансии, кадри, плати… Многу ограничена специјалност, меѓутоа со многу широк дијапазон на фирми во коишто би можеле да бидеме присутни. Гледано во македонски услови, потенцијални корисници на ваков деловен софтвер се веројатно 90% од компаниите.

Сашо Јовановски, директор на македонската филијала на Даталаб
Сашо Јовановски, директор на македонската филијала на Даталаб

Инаку Даталаб Македонија е дел од групацијата Даталаб, словенечка компанија која котира на словенечката берза, така што сите наши резултати се достапни до пошироката јавност. На македонскиот пазар работиме веќе седма година, а со полн капацитет пет години. За овие пет години станавме втор играч на пазарот на софтвер во Македонија, кој е исклучително дисперзиран, вели Сашо Јовановски, директор на македонската филијала на Даталаб.

Бизнис Инфо: Сте имале можност да запознаете многу менаџери од регионот и пошироко. Што е она по што се разликуваат македонските менаџери од своите колеги од странство?

Имам можност преку два пристапи да согледам како се однесуваат менаџерите во Македонија и во регионот. Едниот пристап ми е самиот продукт, деловниот софтвер. Таква ни е природата на работата, можеме детално да ги запознаваме фирмите во коишто работиме. Од друга страна, бев дел од една интересна група од шестмина Македонци на Cotrugli Business School. Преку Cotrugli можев да видам како функционираат менаџери од Србија, Бугарија, Босна, Хрватска, Романија, итн. и да направам споредба меѓу топ менаџери во тие земји и топ менаџери во Македонија. Во Македонија има две групи на менаџери. Првата група менаџираат феноменално, на генијален начин. Менаџери на светско ниво. Меѓутоа, за жал тоа е релативно мала група бизнисмени коишто би можеле да ја извлечат Македонија да тргнеме побрзо, да ја стигнеме Европа. Поголем дел од бизнисмените, за жал, ги имаат надраснато фирмите што ги водат. Не гледам потенцијал дека можат да продолжат да ја влечат фирмата напред. Тоа се најчесто луѓе коишто со многу изразен претприемачки дух создале фирма од ништо, буквално од идеја создале многу моќна фирма. Но, по некое време или менаџерот продолжува да расте или фирмата го прераснува. Погрешниот пристап во Македонија што би сакал да се смени е што многу е мал бројот на сопственици претприемачи кои се решаваат фирмата да му ја препуштат на професионален менаџер. Таков проблем немаат фирмите на запад. Кога еден сопственик ќе ја изгради фирмата, доколку нема соодветно поколение што би ја превземало фирмата, многу лесно се решава за професионален менаџер. Значи, претприемчкиот дух во Македонија не недостасува, недостасува професионализација на менаџерството. Нормално, за тоа да биде успешно, потребно е градење на една менаџерска фела, која за жал сеуште не постои кај нас, градење на клубови, асоцијации, каде што менаџерите ќе можат да комуницираат меѓу себе, да си помагаат и да настапуваат заедно. Она што исто така ме загрижува е и несигурноста на менаџерите во Македонија да исчекорат вон државата. Во годините наназад сум имал премногу искуства со луѓе од регионот, па дури и од Америка, кои доаѓаат тука со желба да направат бизнис, а со многу слаба идеја. Ние имаме менаџери со одлична бизнис идеја, одлична визија, но немаат храброст да зачекорат надвор. Мислам дека сеуште имаме компаративни предности во однос на Косово, Албанија, во однос на поголем дел од Србија, убав дел од Бугарија, тоа би бил првиот лесен исчекор каде што би можеле да се прошириме.

Бизнис Инфо: Колку е конкурентен македонскиот менаџер во странство?

Групата од Македонија што подготвуваше магистерски труд на Cotrugli, по некоја случајност беше единствена еднонационална група. Другите некако се измешаа, а ние шестмина останавме како тим. Во една таква остра конкуренција, со многу успешни менаџери во целиот регион, нашиот труд беше прогласен за најуспешен и нашата бизнис идеја ја прогласија за најперспективна. Направивме комплетен бизнис план за производство на брикети од биомаса, комисијата го препозна квалитетот и како награда добивме ваучер да продолжиме со реализација на идејата. Ова го кажувам во контекст дека квалитетот е неспорен во Македонија. Можеме да продуцираме успешни приказни, само треба малку поискрено да работиме на тоа. Ако си останеме во границите на Македонија и се обидуваме тука да мудруваме, веројатно ќе сфатиме дека сме ја промашиле приказната. Треба да се дружиме повеќе во регионот, со регионални менаџери.

Бизнис Инфо: Со што би можела Македонија најуспешно да конкурира надвор, на странските пазари?

Не би лицитирал, да кажам нешто од типот дека Македонија може да прави само храна или само вино. Македонија може да прави се што сака. Не можеме да се бориме со мегасистеми, меѓутоа било која бранша, бил кој бизнис, било која индустрија којашто во основа има многу додадена интелектуална вредност во продуктот може да биде наша цел. Воопшто не треба да размислуваме за некаква суровинска база. Ние сме премала држава, со премалку ресурси за да можеме да продаваме вино во цистерни или домати во камиони. Тоа се премали количини, не е тоа нешто од што може државата да живее.

Бизнис Инфо: Во рамките на Даталаб е отворена и Академија?

Сакаме да понудиме знаење за млади луѓе, на оние што го користат нашиот софтвер Pantheon, но и за сите други што сакаат да се доедуцираат. Најпосле отворивме Даталаб академија и во Скопје и нудиме едукација во делот на деловен софтвер и примена на деловен софтвер. Преку таа академија имаме пошироко социјално влијание во Македонија. Ние сме долгогодишен партнер со неколку факултети во Македонија на кои им помагаме да им предадат што повеќе информации и знаење на студентите во однос на организацијата од деловниот софтвер. Веќе четири години на Економскиот факултет при универзитетот Кирил и Методиј, во рамките на едукацијата на насоката е-бизнис го користат Pantheon и на таков начин студентите се стекнуваат со многу квалитетно образование. Партнери сме и со Машинскиот факултет во Скопје и со штипскиот Универзитет Гоце Делчев.