Малта им дава 200 евра на туристите ако останат три дена

92

Со желба да ја заживее туристичката индустрија, Малта планира да им понуди на странските гости и до 200 евра ако останат најмалку три дена на медитеранскиот остров ова лето, изјави тамошниот министер за туризам, Клејтон Бартоло.

Тој рекол дека, кога поголемиот дел од епидемиолошките мерки ќе бидат укинати до први јуни, на туристите кои резервираат летен одмор директно преку локалните хотели ќе им бидат дадени пари, пренесува Ројтерс.

Министерот рекол дека туристите кои ќе резервираат сместување во хотел со пет ѕвезди ќе добијат 100 евра од туристичката управа на Малта, а хотелот ќе додаде уште 100 евра.

Во сличен аранжман оние кои ќе се одлучат за хотел со четири ѕвезди ќе добијат вкупно 150 евра, а оние кои ќе резервираат хотел со три ѕвезди ќе добијат 100 евра.

Туристичката индустрија на директен и индиректен начин влијае со 27% врз економијата на Малта, но тој сектор сега е силно погоден од пандемијата.

Земјата привлекла повеќе од 2,7 милиони странски туристи во 2019 година, но бројките сега се намалени за повеќе од 80% од почетокот на пандемијата.

Фото: Pexels