Медали за готвачите на ГастроМак на фестивал во Крањска Гора

40

gastronomski-festival-slovenija-1

Еден сребрен и три бронзени медали освои тимот на Македонската асоцијација на готвачи и шефови – ГастроМак Македонија, на годинешниот втор меѓународен кулинарски фестивал, што се одржа минатата недела во Крањска Гора, Словенија, стои во соопштението.

Како претставници на националната Асоцијација на Готвачи и Шефови – ГастроМак Македонија, шеф Игор Атанасов и шеф Кристијан Китанов се натпреваруваа во категориите на Традиционални и Модерни јадења. Две бронзени медали заработи Игор Атанасов во подготовка на Традиционално и Модерно јадење, додека за истите категории, младиот и талентиран шеф Кристијан Китанов, под менторство на шеф Влатко Ѓоргиевски, освои по едно сребро и бронза. Со кулинарските вештини и креативност, двајцата македонски шефови ги задоволија и највисоките критериуми на натпреварот и ги освоија симпатиите на жирито.

“Исклучително сме горди на нашите готвачи за добиените признанија и награди. Особено, ако се има в предвид дека се натпреваруваа со готвачи од асоцијации на земји кои се поискусни од нас, но и лидери во гастрономијата во светски рамки”, изјави претседателката на Асоцијацијата ГастроМак, Адријана Алачки.

Гастрономскиот фестивал Крањска Гора во Словенија беше извонредна можност за шефовите на кујни од националната Асоцијација на Готвачи и Шефови – ГастроМак Македонија, да се претстават и да бидат дел од меѓународниот натпревар. Со тоа, тие го потврдија квалитетот на гастрономските познавања и вештини, со рамноправен настап, рамо до рамо, со најдобрите шефови на кујни од Европа.