Меѓународен саем за туризам – Скопје травел маркет 2014

23

Хотели, тур оператори и туристички агенции од земјава и регионот ќе учествуваат на 4-от Меѓународен саем за туризам – Скопје травел маркет 2014, што од утре до 12 овој месец ќе се одржи во Скопје.

На манифестацијата ќе се претстават 60 директни учесници од Македонија, Србија, Турција, Бугарија, Албанија, Словенија, туристички агенции, хотели, тур оператори, општини и градови од земјава и регинот, здруженија, културно – уметнички друштва и комори, информира на денешната средба со новинарите Магдалена Хамбова, оперативен директор на Скопје травел маркет.

Покровител на саемот е Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, која заедно со Националниот ансамбл за народни игри и песни на Македонија Танец ќе го промовира проектот Најголемо оро во светот, со што ќе се направи обид да влезе во Гинисовата книга на рекорди.

„Првпат на овој саем ќе биде промовиран туризмот на екстремни спортови, тоа се параглајдинг, планинарење, велосипедизам, нуркање, мон бајк и јавање коњи, а ќе се направат промоции на туристички дестинации од Македонија, регионот и пошироко“, истакна Хамбова.

Насер Хот, советник во Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Македонија информира дека ќе бидат претставени дел од проектите, што ги работи Агенцијата, за зајакнување на домашните капацитети.

„Ќе дадеме можност да се презентираат и малите туристички субјекти, како што е Музејот на виното во Демир Капија, еден од ретките на Балканот со толку експонати, најмалиот музеј во светот од Џепчиште, Сончева куќа од Кратов“, рече Хот.

На саемската манифестација, според него, ќе има многу туристички понуди за Македонија, кои се нудат за странските и за домашните гости.

„Македонија станува се поатрактивна како туристичка дестинација и од тој аспект сакаме да ги презентираме сите потенцијали што ги има“, нагласи Хот.

На 11 април ќе бидат доделени дипломите на првата група студенти на ИАТА, Авторизиран тренинг центар на туристичката агенција Савана, кој едуцира кадри од областа на туризмот по меѓународна програма на Институтот за обука и развој од Монтреал, Канада.

Саемот за туризам – Скопје травел маркет 2014 предвидено е да го отвори директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Кристијан Џамбазовски.