Меморандум за намалување на сивата економија

22

Координирани активности и мерки за намалување на непријавената работа, предвидува Меморандумот што го потпишаа претставници на Државниот инспекторат за труд, Организацијата на работодавачи, Бизнис конфедерацијата, Сојузот на синдикати на Македонија и Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, јавува Миа.

Соработката на социјалните партнери предвидува и размена на информации и идеи за справување со сивата економија, како и активности за подигнување на свеста за придобивките од пријавената работа.

Меморандумот беше потпишан како дел од активностите за проектот за поддршка во борбата против непријавената работа што се спроведува од мај 2014 година од страна на конзорциум предводен од Esep Ltd. Главни корисници се Министерството за труд и социјална политика и Државниот инспекторат за труд.

Презентираните податоци од вчерашната расправа во рамки на проектот покажуваат дека непријавената работа во Македонија е најчеста во областите: земјоделство, градежништво, транспорт, хотели и ресторани, трговија и услуги, претежно во мали и средни бизниси. Мажите се со малку поголема веројатност да се вклучат во непријавената работа отколку жените, а најчесто вклучена е возрасната група од 15 до 30 години. Во прегледот за природата на непријавената работа се наведени и категориите студенти и пензионери, сезонската работа, работата со неполно работно време или на определено време, како и исплатата на плата во плик.

Државниот инспекторат за труд, според презентираните податоци, во 2014 година извршил 28.215 инспекции и се евидентирани 427 непријавени работници. Поднесени се 385 барања за поведување прекршочна постапка и две кривични обвиненија. Инспекторатот имал 2.193 анонимни пријави и 2.193 во писмена форма.