Мини школа за конструктивни критики

166

Секоја критика што е добронамерна и конструктивна може да биде полн погодок во бизнисот. Но, ако се случи да бидете постојана “мета“ на критики или сакате да критикувате без покритие, тогаш размислете добро во што е проблемот.

Истражувањата покажуваат дека 13% од луѓето одбиваат да примат негативна критика; 41% влегуваат во расправија бидејќи сметаат дека некој неправедно ги критикува, 29% сметаат дека луѓето критикуваат за да им наштетат, а не да им помогнат.

Тоа значи дека никому не му е пријатно да слуша кога некој лошо зборува за него или за сработеното, но тоа не значи дека треба да се избегнува вистината и да не се кажуваат работите онака како што се.

Затоа, ако сакате да им упатите негативна критика на своите колеги, тогаш добро размислете пред да го кажете она што го мислите и внимавајте на зборовите. Наместо остра реторика, бидете пријателски расположени, покажете дека немате лоша намера и дека врвен приоритет се целите на компанијата, а не личните согледувања.

На тој начин, нема да создадете непријатели меѓу колегите, напротив, тие ќе сакаат да го слушнат вашиот став и критиката ќе ја прифатат како добра намера.

Истото е и со фактот кога вие сте “мета“ на критики. Не ги земајте секогаш работите при срце, бидете отворени, објективни и подготвени да признаете дека сте погрешиле и сте спремни за прифаќање на нови методи за доброто на компанијата.

Фото: Freepik