ММФ и Светска банка помагаат на земјите погодени од корона вирусот со 60 милијарди долари

203

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светска банка најавија повеќе од 60 милијарди долари помош за земјите погодени од корона вирусот. ММФ подготви 50 милијарди долари за сиромашните и земји со средни приходи чијшто здравствен систем е премногу слаб за да се справи со епидемијата.

Кризниот финансиски пакет е усвоен откако вирусот со голема брзина се прошири надвор од границите на Кина во повеќе од 70 земји ширум светот.

ММФ констатира дека светската економија поради вирусот веќе расте послабо од лани, проценувајќи дека стапката на раст во 2020 година ќе биде најниска од финансиската криза во 2008 година. Главниот извршен директор на ММФ забележува дека сè уште не е можно точно да се проценат последиците од епидемијата во економијата.

“Глобалниот раст ќе падне под минатогодишните нивоа во 2020 година, но тешко е да се предвиди колку длабоко ќе падне и колку долго ќе се чувствуваат последиците“, рече директорката на ММФ, Кристалина Георгиева. Таа не сакаше да каже дали ескалацијата на здравствената криза може да предизвика рецесија во светската економија.

Светската банка најави 12 милијарди долари помош за земјите во развој кои се борат со ширењето на вирусот корона. Финансискиот пакет вклучува прифатливи заеми, финансиска неповратна и техничка помош.

Фото: Pixabay