Мобилни тимови за поддршка на ранливи категории на граѓани

16

Од утре (среда, 18 март 2020), Црвениот крст на град Скопје, во соработка со Пивара Скопје, почнува со реализација на активност наменета за обезбедување логистичка поддршка на ранливи целни групи на територија на градот Скопје. Во функција ќе бидат ставени 10 мобилни тимови кои ќе бидат лоцирани на пет локации во градот, како и дополнителен тим за бездомните лица лоциран во Момин Поток, стои во соопштението.

Мобилните тимови ќе функционираат секој работен ден, од 08:30 до 12:30 часот, а нивната задача ќе биде да извршат неопходна набавка на лекови, прехранбени производи и средства за лична хигиена и истите да ги достават до домовите на старите, изнемоштени лица кои живеат сами, хронично болните лица, до семејства со лица со посебни потреби, самохрани родители и други ранливи категории на граѓани кои живеат во Скопје.

Целта на оваа активност е да им се овозможи поддршка на лицата на која таа им е најнеопходна, со што тие нема да имаат потреба да ги напуштаат своите домови и на тој начин да се намали ризикот од инфицирање со вирусот Ковид-19 (корона вирус).

Мобилните тимови ќе бидат составени од две лица од тимот за одговор при катастрофи, еден член од тимот за логистика и едно обучено лице за давање основна медицинска помош (парамедик). Сервисната услуга што ќе ја обезбедуваат мобилните тимови ќе биде бесплатна, а граѓаните ќе одвојат финансиски средства само за артиклите или лековите кои ќе треба да им се набават. Трошоците за функционирање на мобилните тимови ќе бидат покриени од Пивара Скопје, градот Скопје и општините во Скопје.

За повикување на мобилните тимови граѓаните ќе можат да ги користат следните телефонски броеви, според местото на живеење:

Црвен крст Центар: 070/297-166 и 02/3115-029

Црвен крст Кисела Вода: 070/379-456 и 02/3211-417

Црвен крст Чаир: 070/208-383 и 02/2621-924

Црвен крст Карпош: 070/226-136 и 02/3068-806

Црвен крст Гази Баба: 071/243-078 и 02/2529-153

Тим за бездомни лица: 02/3096-227

Дополнително, од утре почнуваат да функционираат и две СОС-телефонски линии на Црвениот крст на Град Скопје, преку кои секој работен ден од 09:00 до 13:00 часот граѓаните ќе можат да добијат психо-социјална поддршка за полесно справување со стресот предизвикан од актуелната состојба. Старите и изнемоштените лица на кои им е потребна психо-социјална поддршка можат да се јават на телефонскиот број: 075/352-246, а останатите граѓани на телефонскиот број: 071/379-119.

Овие активности се координирани и поддржани од страна на градоначалникот на Град Скопје и од градоначалници на скопските општини.