Монтанте груп ќе инвестира 10 милиони евра во првата година

22

Монтанте груп, италијанската мултинационална компанија која најави влез во слободната зона Бунарџик во првата фаза планира да вработи 100 луѓе, а за неколку години  бројката најверојатно ќе дојде до 300 или 400 вработени.

“Компанијата планира да произведува амортизери за возови, шински возила, камиони и за други товарни возила. Има долга традиција, покрива многу пазари и  е присутна на речиси сите континенти. Во Македонија сака да отвори нов капацитет, но не се работи за селење на капацитетите што ги има, туку за отворање комплетно нова фабрика. Само првичната инвестиција ќе биде околу 10 милиони евра, но по укажувањето дека се планира за три до четири пати поголем капацитет од планираниот, инвестицијата можеби ќе биде 30 до 40 милиони евра“, рече завчера Груевски.

Тој посочи дека станува збор за значајна инвестиција со која се воведуваат производство и технологии кои досега ги нема во Македонија. Компанијата планира до крајот на годинава да ја почне изградбата на објектот во Бунарџик, да ја заврши во рок од околу една година и веднаш потоа да започне со производство.

Монтанте груп е мултинационална италијанска компанија со 2.300 вработени и годишен обрт од 800 милиони евра. Нејзиното седиште е во близина на Торино, Италија, а за можностите за инвестирање во Македонија, како што кажа нејзиниот сопственик Антоанело Монтанте на прес – конференција во петокот во Владата, биле запознати на минатогодишното владино роуд – шоу во Италија.