Можност за промена на корисничкото право во сопственичко

23

Физичките лица кои правото на користење на градежно земјиште го стекнале со надомест, како и поранешните сопственици на градежното земјиште национализирано во 1958 година ќе можат да го приватизираат доколку нема Детален урбанистички план или друг акт за урбанистичко планирање со кој се дефинира градежна парцела; пишува Миа.

Тоа го овозможуваат  последните измени на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост што ги донесе Собранието, а кои треба да стапат на сила на почетокот на следната недела.

“Досега оваа можност да го приватизираат градежното земјиште во површината што им е запишана во имотен лист им беше дадена само на поранешните сопственици на градежното земјиште, а сега се проширува опфатот и со физичките лица на кои во минатото им било дадено земјиште на користење со цел да изградат куќа или друг објект и за тоа платиле одреден надомест. Поради тоа овие граѓани за приватизацијата на земјиштето нема да треба да плаќаат никаков надомест“, рече Зоран Крстаноски, директор на Управата за имотно правни работи.

Тој посочи дека во Законот се вградени и дополнителни одредби кои, како што нагласи, ќе придонесат за поефикасно расчистување на корисничките права на трети лица и ќе бидат од директна корист за сопственици на објектите на градежното земјиште.

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпевски истакна дека со измените на Законот се воведува и посебна постапка со која се решава проблемот на голем број поранешни сопственици на градежно неизградено земјиште кои не поднеле барање за приватизација до истекот на крајниот рок на 15 декември минатата година.

“Поранешните сопственици кои се запишани како корисници на градежно неизградено земјиште најдоцна до 15 јуни идната година до Агенцијата за катастар на недвижности ќе можат да поднесат пријава за промена на правото на користење на градежно неизградено земјиште во право на сопственост по сила на закон. При тоа ќе треба да поднесат доказ за идентификација, правна основа, односно актот врз основа на кој е стекнато правото за користење на катастарската парцела,  доказ од органот надлежен за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти и доказ за платен надомест на имотен лист“, речеТрпевски.