Можноста за постојано имплементирање на нови технологии го прави е-бизнисот интересен и динамичен

160

Предностите на е-трговијата се многубројни. Од можност за купување 24 часа на ден, 365 дена во годината, од било која локација, до побогат избор на производи и услуги на едно место, преку полесен пристап до бараните информации и инстант доставување до врата.

Свесни за овие придобивки, Grouper, првиот сајт за групни попусти во Македонија, успеа да направи вистинска револуција во е-трговијата во државата со што прерасна во најголем е-маркетплејс во земјава и место каде секој може да купи најразлични услуги на попусти, производи и патувања. Во своето деветгодишно работење Grouper има продадено повеќе од еден милион купони, во 2018 година беше изгласан за Најдобар сајт во Македонија, а веќе три години по ред го добива признанието за Најдобра мобилна апликација. Дополнително, тука е и новиот проект Grouper Shopping Mall што претставува сублимат од најдоброто од дигиталниот маркетинг и е-трговијата кај нас, каде секој бизнис може да има своја онлајн продавница, и брзо и лесно да отвори нов канал на продажба пред широка публика од преку 250.000 корисници.

Со растот и развојот на Grouper, расте и свесноста кај бизнисите и корисниците, македонскиот интернет маркетинг и online купувањето, правејќи ја нивната успешна приказна, успех за целата македонска е-трговија.

Позитивните страни на Grouper, и е-трговијата воопшто, се особено видливи во вонредни услови, кога поради пандемија со коронавирус експертите препорачуваат да се седи дома и да се избегнуваат физички контакти. Можностите за online купување што ги нуди Grouper, изолацијата ја прави поподнослива, а производите подостапни, и тоа по големи атрактивни попусти од 50% до 90%.

Уште од самите почетоци пред девет години, Grouper како свој партнер во развојот на својата е-платформа ја има Халкбанк. Преку користење на e-commerce услугата на Халкбанк, Grouper успева е-трговијата во државата континуирано да ја подига на повисоко ниво, поставувајќи нови стандарди за квалитет.

За новините во Grouper, за предностите од водење на е-бизнис, и помошта која Grouper ја добива од Халкбанк во развојот на е-трговијата, зборувавме со Драгана Ѓокиќ, која е дел од тимот на Grouper.

Кои се три клучни елементи за развој на успешен е-бизнис?

Би ги издвоила пасијата, желбата за константно учење и позитивна енергија кон прифаќање на предизвиците.

Кои се најубавите моменти кои доаѓаат со водење е-бизнис? Кои се предностите?

Водењето на секој бизнис носи свои убави моменти и предизвици. И покрај тоа што водењето на онлајн бизнисите изгледа навидум едноставно, во позадина станува збор за низа сложени процедури, особено доколку се работи во форма на посредник како што е Grouper помеѓу компаниите и купувачите.

Секако, предностите се бројни, така што би ја издвоила пред сѐ можноста за работа од било каде и можноста за продажба на неограничен пазар со оглед на тоа што купувачите се сè повеќе присутни онлајн. Понатаму, можноста за брза промена и константно имплементирање на новини во поглед на нови технологии и онлајн рекламирање, што ја прави работата интересна, динамична и никогаш монотона. Дополнително, голема предност е и ефикасната, брза и постојана комуникација со купувачите, со тоа што имаме можност за брз и реален фидбек во поглед на услугата или производот којшто се нуди, што сметам дека е од особена важност за било кој бизнис.

Која е алатката/услугата која ви го олеснува бизнисот?

Како e-commerce сајт со голем број на корисници и соработници, користиме најразлични алатки со цел да ја оптимизираме работата и олесниме комуникацијата. Така што, социјалните медиуми како едни од главните алатки во однос на промоција и комуникација, би ги ставила на прво место. Исто така, користиме и паметни алатки во поглед на мобилни нотификации и e-mail маркетинг, и дополнително алатки за полесна организација на тимот и раководење на проектите коишто ги организираме. Морам да ја спомнам тука и мобилната апликација која што би ја издвоила како доста корисна алатка за нашите купувачи којашто со сите свои функционалности го олеснува целокупното искуство на онлајн купување.

Кога би требало да ни раскажете само една кратка приказна поврзана со вашиот бизнис која би била таа?

Секојдневно имаме нови случувања, настани и интересни приказни, бидејќи работата ни е динамична и доста интересна. Како една приказна би ја издвоила Black Friday во 2014 година. Бидејќи Black Friday на некој начин го сметаме за наш патронат како празник на попустите и секоја година сме среќни кога имаме шанса да ја организираме оваа кампања, бидејќи ја подготвувавме со огромна возбуда и посветеност. Таа година, цел месец работевме деноноќно на подготовка на кампањата во поглед на луди зделки и целокупната комуникација. Но, дента на самиот Black Friday, поради пребукираност, неколку часа сајтот не беше функционален односно не можеше да се прават купувања, бидејќи посетите беа три пати поголеми од она што очекувавме. Па така, првичната возбуда за најавите и целокупниот ентузијазам на момент паднаа во вода. Но, за среќа во рок од неколку часа успеавме да го решиме проблемот и ова беше вистинска лекција и одлично искуство во поглед на брзо менаџирање. А, од друга страна бевме среќни што имавме голема поддршка и од соработниците и од нашите купувачи. Па така, Black Friday кампањата прерасна во Black Friday викенд и имаше супер резултати.

Дали имате направено онлајн нарачка и чекате да ви ја достават? Што би порачале во овој момент?

Периодов е таков каде што сите се повеќе купуваме онлајн. Моментално имам нарачано на попуст неколку реквизити за вежбање, а дополнително во овој момент бирам подароци за двајца драги луѓе, така што мојот избор ќе биде Grouper Gift картичка, со којашто ќе може да си купат што сакаат и ќе им биде доставено физички на нивната адреса на денот на роденденот.

Кои се во моментов вашите омилени услуги кои ги нудат останатите е-бизниси?

Посебно во овој момент би ги издвоила онлајн маркетите за секојдневни намирници и здрава храна, бидејќи дефинитивно се од голема корист со оглед на ситуацијата, заштедуваат време за сите нас, и секако помагаат во намалување на турканиците и заштита од понатамошно ширење на вирусот.

Како Халкбанк се вклопи во вашата приказна?

Халкбанк е наш партнер уште од самите почетоци на Grouper, што значи повеќе од 9 години. Кога започнавме во 2011 година, во време кога само 1% од купувачите купуваа онлајн, процесот на едукација и влевање на сигурност во трансакции беше круцијален, така што константно работевме на тоа и Халкбанк во овој процес навистина се покажа како голем поддржувач и наш стабилен партнер, што е случај до ден денес.

Дали Халкбанк помага за полесен развој на е-бизниси?

Секако дека Халкбанк како на некој начин предводник во развој на e-commerce, помага на бизнисите, бидејќи пред сè беа први кои развија e-commerce платформа за трансакции. Постојано инвестираат во надградба на техничките карактеристики на своите услуги и продукти коишто ги нудат, и секако она што е важно, истовремено посветуваат големо внимание на поддршка и едукација на своите клиенти и корисници. Така што, со оглед на искуството, посветеноста, и услугите, сметам дека Халкбанк е вреден партнер на секој е-бизнис и клучна алатка во неговиот развој.