На 15-ти март истекува рокот за поднесување годишна даночна пријава во УЈП

12

ujp

На 15-ти овој месец истекува рокот за поднесување на Годишна даночна пријава до Управата за јавни приходи.

Поднесувањето на годишна даночна пријава е задолжително за лицата кои во изминатата 2015 година, освен плата, пензија, приход од земјоделска или самостојна дејност, оствариле приходи од: кирии, авторски права, индустриска сопственост, исплатена дивиденда, капитална добивка од продажба на учество во капитал и недвижен имот, добивка од наградна игра поголема од 5.000 денари, приходи остварени од игри на среќа преку специјализирани странски интернет страници, лични примања од странство, работно ангажирање во амбасада, мисија на меѓународна организација, приходи остварени преку интернет (е – трговија, услуги извршени преку специјализирани страни), поставување на реклами на сопствени интернет страни, прогнози на типови за спортски натпревари и други дополнителни приходи надвор од редовната плата или пензија.

Работодавецот и фирмите што ги извршиле исплатите на приходи во текот на изминатата година, имаат законска обврска најдоцна до 25-ти јануари да издадат збирна пресметка во која ќе бидат искажани вкупните износи на исплатени приходи, платен персонален данок и придонеси во 2015 година.

Годишната даночна пријава може да се поднесе по електронски пат доколку корисникот е регистриран во системот е – Даноци. Пополнетата Годишна даночна пријава може да се поднесе и во најблиската даночна канцеларија на УЈП или преку пошта.