На еврозоната ѝ се заканува распад?

124

Рецесијата којашто е последица на коронавирусот станува сè подлабока, се заканува дури и распад на еврозоната, изјави еврокомесарот за економија Паоло Џентилони, во интервју за Die Welt.

Џентилони истакна дека економиите на Италија, Франција и Шпанија паѓаат за 10 до 11%, а на Данска, Полска, Шведска или Германија за 4 до 6%.

“Најновите економски податоци предупредуваат: рецесијата е подлабока од очекуваното, економскиот развој на земјите во еврозоната станува нерамномерен. Тоа за што секогаш предупредувавме е потврдено: рецесијата поради Ковид-19 се заканува со распад на еврозоната“, изјави еврокомесарот.

Според него, земјите од ЕУ треба во најкраток рок да се договорат за план за обнова на економијата, со цел да се зајакне довербата во националната економија.

Претходно, Европската комисија претстави предлог за формирање фонд за спасување на ЕУ во висина од 750 милијарди евра. Како што е планирано, земјите членки на Унијата ќе добијат помош во форма на грантови (до 500 милијарди евра). Овој предлог европската комисија ќе го достави до земјите членки на ЕУ и до Европскиот парламент.

Фото: Pixabay