На продажба шест детски одморалишта со почетна цена од 50.000 до 400.000 евра

22

На продажба ќе бидат понудени шесте детски одморалишта во Свети Николе, Берово, Битола, Стар Дојран и Скопје што досега беа во државна сопственост, најави денеска портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.

Целта на ваквата одлука, како што рече тој, е интензивирање на туризмот преку збогатување на понудата, но и давање можност повеќе за приватниот бизнис.

Идните сопственици на одморалиштата ќе бидат обврзани, по ревитализирањето и обновувањето на објектите, да работат исклучиво во оваа сфера.

“Во втората половина на овој месец ќе се одржи јавна електронска аукција за отуѓување на имотот, а почетната цена на одморалиштата ќе се движи од 50.000 до 400.000 евра. Компаниите во текот на наредните две до три недели можат да размислат и да одлучат околу евентуалните инвестиции“, рече Ѓорѓиев.

Според проценките, локациите на одморалиштата кои подолго време се нефункционални нудат одлични услови за водење бизнис. Особено се погодни за развивање планински, алтернативен, езерски или рурален туризам.