На Словенија ѝ недостига работна сила – бројот на барања за вработување на странци е трипати зголемен

167

Во некои индустриски гранки во Словенија има хроничен недостиг на работна сила, бројот на барања за вработување на странци е трипати зголемен од 2016 година, но проблем се долгите процедури за добивање на потребните документи, јавува РТВ Словенија.
Со 12 отсто учество на странска работна сила, Словенија е над европскиот просек, а Стопанската комора на Словенија посочува дека Словенија има потреба од работници од странство, и нискo и висококвалификувани.

Меѓутоа, проблемот е што добивањето на потребните дозволи трае долго, а странците чекаат шест месеци или повеќе за работна дозвола.

„За жал, Словенија е во крајно неконкурентна позиција кога станува збор за вработување странци. Компаниите на кои им требаат работници со специфично знаење или од многу дефицитарни професии се загрижени дека поради процедурите, некои од потенцијалните кандидати би можеле да изберат пазари каде овие процедури се помалку напорни и побрзи“, посочуваат од Стопанската комора на Словенија.

Од Министерството за државна администрација тврдат дека проблемот се решава на повеќе нивоа и наведуваат дека Министерството формирало и Меѓуресорска работна група за отстранување на административните пречки во делот на административната работа за странци, бидејќи миграциските процедури се во надлежност на Министерството за внатрешни работи, додека политиката за вработување е во надлежност на Министерството.

Фото:Pixabay