Национална економија: “Mинус“ од 10 милијарди евра – граѓаните финансиери, државата и фирмите должници!

Негативата на “финансиската сметка“ на националната економија се продлабочува. На крајот од првото економско полугодие од годинава негативната нето финансиска позиција на домашната економија надмина 10 милијарди евра и “јазот“ е зголемен и на квартално ниво и во однос на состојбата на крајот од минатата година.

Новиот извештај “Статистика на финансиските сметки“ на Народната Банка покажува дека во вториот квартал во однос на првиот негативната нето финансиска позиција на домашната економија е продлабочена за 108,8 милиони евра додека во однос на крајот од 2024 та порастот изнесува скоро 300 милиони евра.
“Анализирано од аспект на секторите, домаќинствата и секторот „странство“ се нето-кредитори и ги финансираат останатите сектори во националната економија (НФД и државата), коишто се нето-должници. Финансискиот сектор и натаму има речиси избалансирана нето финансиска позиција“ – се наведува во новата анализа на НБМ.
На крајот на вториот квартал од годинава, вкупните средства на националната економија изнесувале 72,8 милијарди евра и на квартално ниво остварен е раст за 1,33 милијарда денари или 1,9%, и тоа како резултат на порастот на вкупните финансиски средства на сите сектори, освен на државата. Пораст за 2,8% на вкупните средства на националната економија има и однос на последниот квартал од 2024 година и овој раст повторно е резултат зголемените средства кај сите сектори додека има намалување на средствата на државата.
Анализирано по сектори, на крајот на вториот квартал од годинава вкупните обврски на националната економија изнесувале 82,8 милијарди евра и бележат раст на квартално ниво како резултат на порастот на обврските во сите сектори, а во најголем дел на финансиските друштва.

Нето финансиската вредност на компаниите е негативна и изнесува 18,8 милијарди евра. Во однос на вториот квартал има незначително подобрување додека во однос на состојбата на крајот од 2024 та има пораст за 3,2%. Кај компаниите растот на обврските најмногу е врз основа на кредити и на капитал. Долгот на компаниите на крајот на јуни изнесувал 10,3 милијарди евра што претставува 63,3% од БДП.
Нето финансиската позиција на домаќинствата е позитивна и на крајот на јуни вредноста на “салдото“ на овој сектор изнесувала 14,5 милијарди евра. Долгот на овој сектор во анализираниот период изнесува 4,5 милијарди евра или 28% од БДП.
Нето финансиската позиција на државата е во негатива и на крајот на јуни вредноста изнесува нешто повеќе од 4,4 милијарди евра, сума која е зголемена и на квартално ниво и во однос на состојбата со крајот на 2024 та. Финансиските обврски на државата на крајот од вториот квартал достигнале 65% од БДП и тие се во пораст поради задолжувањата на домашниот и на меѓународниот финансиски пазар.

Д.А.