Над 153 милиони долари девизнен прилив од туризам во првата половина од 2019

24

Долгорочен одржлив развој на туризмот за инклузивен економски раст на Република Северна Македонија е визијата на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ). Одржлив раст и зголемување на бројот на туристи што би придонеле значително за раст на економските активности поврзани со туризмот, намалување на сиромаштијата, зачувување на биодиверзитетот и менаџирање на природните ресурси, се клучни за пораст на девизниот прилив по ставка туризам, стои во соопштението.

За успешноста на нашиот тим и на сите засегнати страни (туристичкото стопанство) говорат и спроведените анализи од претходните години, како што се наведува, каде јасно се гледа преку покачувањето од 12% на странски туристи и бројот на ноќевања за 15% споредбено со изминатите две години. Порастот во бројот на туристи и ноќевања се одразува и во пораст на девизниот прилив по ставка туризам, каде се регистрира пораст од 16,7% за 2018. Исто така, во првите два квартала од 2019 година, забележан е пораст од 1,3%, споредбено со истиот период 2018 година, односно 153,89 милиони долари.

За првите шест месеци од 2019 година зголемувањето на бројот на туристи продолжува за 4%, додека ноќевањата за 2%, споредбено со 2018 година. И тоа, бројот на домашни туристи е зголемен за 5%, додека кај бројот на странски туристи има пораст од 4%. Бројот на ноќевања остварени од домашни туристи имаат пораст од 1%, додека остварени ноќевања по основ туризам од странски туристи имаат зголемување од 3%.

Најбрзорастечките пазари (по број на пристигнати туристи) споредбено 2018 – 2019 година. Полска како туристички пазар (односно раст на бројот на туристи) има зголемување од 73%, Хрватска има раст од 53%, бројот на туристи од Словенија е зголемен за 32%, бројот на посети од Израел е зголемен за 32%, додека бројот на туристички посети од Албанија е зголемен за 19%.

Несомнено во центарот на нашето внимание секогаш се активностите поврзани со континуираниот раст на странските туристи во Република Северна Македонија, но и свртување на вниманието на домашните туристи кон неоткриените убавини на нашата земја. Покрај активностите поврзани со промоција, Агенцијата секогаш е тука да го поддржи туристичкото стопанство во делот на создавање нови туристички атракции, како и да обезбеди субвенции за  истото.

Согласно динамиката на раст и развој како и значењето на туристичката индустрија, мисијата на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот како маркетинг и пазарно ориентирана организација, преку промотивните активности и креирање/поддршка на квалитетни туристички производи, во соработка со туристичкото стопанството и локалното население, придонесува кон поголема конкурентност и препознатливост на Република Северна Македонија како туристичка дестинација. Од аспект на холистичка перцепција, визијата за тоа каде го гледаме туризмот на Република Северна Македонија, е позиционирање на нашата земја во морето од држави и туристички дестинации преку запознавање на светската јавност со тоа што нè прави диверзивни, различни, а е отсликано преку природата, историјата, културата и гастрономијата.

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот се промени и се прилагоди на туристичките трендови и преференциите на новите патувачи, како и на потребите и можностите на локалните туристички ентитети. АППТ преку институционалната соработка и координација помеѓу туристичките субјекти на регионално и локално ниво придонесува за збогатување на туристичките содржини, а со тоа дава и можност дестинацијата да стане конкурентна на светскиот туристички пазар.

Воедно, според движењата на пазарите во регионот, предвидувањата на светската туристичка организација и движењата на туристичкиот сектор за 2019 година предвидениот раст ќе се движи помеѓу 3% до 5% во бројот на туристи и остварените ноќевања за 5% до 7%. Ова ќе овозможи дополнителен девизен прилив и кои се предвидува да достигне до 400 милиони долари. Достигнувањата на полето од промоцијата и поддршката и евидентните успеси со доброто стратегиско планирање за 2020 година треба да помогнат во целта на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за продолжување на позитивниот раст на туристичкиот сектор во 2020 година. Со исполнување на стратегискиот план се очекува позитивен ефект врз туристичкиот сектор и овозможување на раст од 5% до 7% на туристите и остварените ноќевања, односно да се надмине бројката од 1,3 милиони туристи и што поблиску до четири милиони ноќевања.

Фото: Pexels