Во светот има 2.153 милијардери во чии раце има многу поголемо богатство одошто 4,6 милијарди луѓе на глобално ниво, покажуваат официјални податоци, пренесува CNBC.
Меѓународната хуманитарна организација, Oxfam, којашто стои зад извештајот, ги повика владите во светот да имплементираат политики коишто ќе помогнат да се намали таа нееднаквост меѓу луѓето. Извештајот е објавен пред годишната конференција на Светскиот економски форум, што секоја година се одржува во монденското зимско одморалиште Давос, во Швајцарија.
“Кога сите би седеле на своето богатство изразено во банкноти од по 100 долари, поголемиот дел од луѓето во светот би седеле на земја. Луѓето од средната класа во богатите земји би седеле на висина на столица, а двајцата најбогати луѓе во светот би седеле во вселената“, сметаат авторите на студијата.
Од извештајот на Oxfam може да се заклучи дека ако некој заштедувал по 10.000 долари дневно од моментот кога се изградени пирамидите во Египет до денес (што е невозможно) пак ќе биде за 80% помалку богат за разлика од првите пет планетарни милијардери.
Фото: Pixabay