Над 29.000 граѓани се пријавиле за отпис на долговите

21

Над 29.000 граѓани досега се пријавиле за отпис на долговите на лица од ранливи категории во земјава. Поднесувањето на барање за отпис на долговите започна на 18 август, а крајниот рок е на 13 октомври во 16.30 часот.

“Очекувам дека како се приближува крајниот рок и сите други ќе ги соберат документите што се основни и ќе ги посетат центрите за социјални работи и на тој начин ќе го искористат ова право и оваа можност еднократно да им се отпишат долговите на примателите на социјална помош, невработените и лицата што имале смртен случај или инвалидитет во семејството и поради тоа не можат да ги исплаќаат обврските“, рече вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Оваа мерка предвидува отпис на долгови настанати заклучно со 31 декември 2013 година, а по основ на потрошена електрична енергија, топлинска енергија, за кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки и потрошувачки кредити, како и долгови за радио дифузна такса. Долговите треба да бидат неплатени подолго од една година и за нив да е почната постапка за наплата.

Граѓаните можат да ги поднесат барањата за отпис на долговите во центрите за социјална работа во местата во кои живеат или во оние најблиску до местото на живеење, во рок од 30 дена од објавување на повикот од страна на Министерството, а за негово прифаќање ќе одлучува посебна комисија.

Потребно е да се пополни барање на посебен формулар и да се внесат основните генералии, како и тоа за каков вид долг се работи. Со себе граѓаните треба да носат лична карта и лична карта на брачниот другар. Тие ќе треба да потпишат изјава со која ќе дадат согласност за државните институции да можат по службена должност да ги набават сите други потребни документи од државните институции со цел постапката да биде поедноставна за граѓаните и да мора да одат по шалтери да ја обезбедат потребната документација.