Над 43 милијарди денари вкупни тековни трошоци за здравството во земјава

45

Вкупните тековни трошоци за здравството во Република Северна Македонија во 2018 година изнесуваат 43.319.000.000 денари и бележат пораст од 6,3% (40.758.000.000 денари) во однос на 2017 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Сите видови трошоци за здравството, по здравствени функции и здравствени шеми, бележат пораст во 2018 година во однос на 2017 година. Вкупните трошоци за лекување во здравствените шеми во 2018 година изнесувале 23.478.000.000 денари, додека во 2017 година изнесувале 22.696.000.000 денари, што претставува пораст од 3,4%.

Во тековните трошоци за здравството, по здравствени функции и даватели на здравствена заштита, во 2018 година, трошоците на болниците за лекување изнесуваа 13.458.000.000 денари, што е 85,6% од вкупните трошоци на болниците по здравствени функции.

Во 2017 година, од болниците биле потрошени 13.002.000.000 денари, односно 86,4% од вкупните трошоци на болниците по здравствени функции. Во тековните трошоци за здравството, по даватели на здравствена заштита и здравствени шеми, најголемо е учеството на болниците и тоа изнесува 15.714.000.000 денари во 2018 година, а 15.042.000.000 денари во 2017 година.

Во здравствените шеми по здравствени функции најголем е делот на владините (буџетски) механизми и задолжителното здравствено осигурување, кои во 2018 година изнесуваат 24.900.000.000 денари, а во 2017 година се 23.338.000.000 денари.

Државниот завод за статистика во соработка со Министерството за здравство, а со поддршка на Светската здравствена организација, за прв пат изготви здравствени сметки за државата, односно ги пресмета вкупните тековни трошоци за здравството според давателите на здравствени функции, функциите на здравствената заштита и здравствените шеми во 2017 година и 2018 година.

За поддршка на овој процес е формирана работна група од претставници на релевантни институции (ДЗС, ФЗО, Министерството за здравство, Агенцијата за лекови и медицински средства и Министерството за финансии).

Фото: Pexels