Над 80 милионери порачуваат: Воведете ни повисок данок

113

Група од 83 милионери преку отворено писмо бараат да им биде воведен повисок данок за да се намалат последиците од кризата што ја предизвика ширењето на коронавирусот, пишува Business Insider.

Во писмото под името Милионери за хуманост, се потпишани наследниците на Disney, Абигаил и Тим Дизни, основачот на Ben & Jerry’s, Џери Гринфилд и режисерот Ричард Куртис. Најголем дел од милионерите се од САД, но има и од Германија, Велика Британија, Канада и Нов Зеланд.

“Ние не сме тие кои се грижат за болните на одделенијата за интензивна нега. Не возиме возила на итна помош со кои болните се носат во болниците. Не сме тие кои ги полнат полиците во продавниците со прехранбени производи или оние кои доставуваат храна од ‘врата до врата’“, велат овие великодушни милионери.

Додаваат дека имаат “многу пари“, а “парите во вакви ситуации се апсолутно потребни сега и ќе бидат потребни следните години“ за закрепнување од кризата чии последици ќе траат со децении и би можеле да “турнат“ пола милијарда луѓе во сиромаштија.

“Проблемите што Ковид-19 ги предизвика и откри, не може да се решат со добродушност без оглед на тоа колку и да сакаме. Шефовите на владите мора да преземат одговорност за собирање на потребните средства и нивно праведно трошење, за да може адекватно да се финансираат здравствените системи, училиштата и безбедноста со постојано зголемување на даноците на најбогатите на планетата – луѓето како нас“, се наведува во писмото.

Фото: Freepik