Над два милиони патници лани патувале преку двата аеродрома во Македонија

45

aerodrom-tav-skopje-facebook

Вкупно 2.027.344 патници патувале преку скопскиот и охридскиот аеродром во 2017 година, што претставува пораст од 13% споредено со 2016 година, соопшти концесионерот на аеродромите ТАВ Македонија, јавува Миа.

Вкупниот број на летови на двата аеродрома, во Скопје и во Охрид, лани е зголемен за 7% и достигна 18.130.

Според податоците за сообраќајот на патници, најфреквентни дестинации од скопскиот аеродром минатата година беа Истанбул (аеродромите Ататурк и Сабиха Гокчен) со 12,3% пазарен удел, Цирих (8,6%), Виена (6,5%), Базел (5,3%), Малме (4,6%) и Лондон (3,7%).

Во однос на уделот на авиокомпаниите во сообраќајот на патници, Wizz Air има превезено најголем број патници и има 59% пазарен удел.

Најфреквентниот ден на аеродромот во Скопје лани бил 7 август кога вкупно 8.283 патници беа превезени со 98 летови, како резултат на УЕФА Супер купот.

Скопскиот аеродром во 2017 година го забележа најпрометниот август досега, опслужувајќи 216.409 патници со 23,7% пораст на годишно ниво.

Според Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија, постигнатиот број на патници е резултат и на новите воведени линии во нивната мрежа на скопскиот и на охридскиот аеродром.

“Пет нови дестинации – Будимпешта, Малта, Рим, Ваксјо и Доха почнаа да сообраќаат од/до аеродромот во Скопје, додека на аеродромот во Охрид воведовме нови сезонски летови од Катовице, пречекувајќи полски туристи за прв пат. Во 2018 година и понатаму ќе бидеме фокусирани на проширување на мрежата со авиолинии, но исто така и на нашата цел да обезбедиме услуги со висок квалитет на нашите патници и клиенти“, изјави Ерсој.

Мрежата на линии на аеродромот Александар Велики – Скопје има вкупно 36 дестинации, коишто ги опслужуваат 11 редовни авиокомпании. На аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид има три редовни дестинации во текот на целата година и четири дополнителни сезонски чартер дестинации во текот на летото. Три нови сезонски авиолинии од Охрид до Варшава, Талин и Ајндховен се најавени да бидат воведени во 2018 година.