Над шест милиони евра во февруари за граѓаните кои скенирале фискални сметки

37

Следниот месец на граѓаните кои скенирале фискални сметки во последните три месеци од 2020 година преку апликацијата МојДДВ ќе им бидат вратени 6,1 милион евра.

Управата за јавни приходи информира дека во текот на февруари ќе се врши исплата на дел од ДДВ на граѓаните кои скенирале фискални сметки преку апликацијата МојДДВ во четвртото тримесечје од 2020 година, односно за месеците октомври, ноември и декември 2020 година.

Во ова последно тримесечје од 2020 година, граѓаните скенирале  67.272.456 фискални сметки,  вкупниот промет е 33.398.562.346 денари, а на граѓаните ќе им се вратат околу 382 милиони денари или околу 6,1 милион евра.

УЈП апелира заради навремена исплата на средствата за четвртото тримесечје за 2020 година, граѓаните да внесат точна и лична трансакциска сметка, а оние кои немаат одобрен кориснички профил во ЕПДД истото да го сторат односно да појдат до најблиската даночна канцеларија со документ за лична идентификација со цел службено лице на УЈП да го одобри и активира  профилот на ЕПДД.

Од направената проверка и анализа, Управата за јавни приходи утврди дека  5.506 граѓани во апликацијата МојДДВ имаат внесено погрешна трансакциска сметка, а 334 граѓани немаат одобрен кориснички профил во ЕПДД што е услов за користење на апликацијата МојДДВ.