Најголем предизвик во денешно време е да го задржиш тоа што го имаш

557
prva
Ванчо Николовски, комерцијален директор на Нимекс

Генерално, сите компании го имаат истиот проблем, а тоа е наплатата. Се соочуваме со момент да имаме каде да пласираме роба, а да имаме проблем да ја наплатиме.

БИ: Што можете да ни кажете за компанијата Нимекс?

Нимекс е фамилијарна компанија, основана 1991 година. Основна дејност ни е дистрибуција, застапуваме повеќе брендови од неколку произведувачи. Имаме сопствен магацин, сопствен возен парк, се е наша инвестиција. Дистрибуираме во секој град низ Македонија, во секое место. Застапени сме секаде, соработуваме со сите ланци маркети, миди маркети, ТТ маркети, магацини на големо, аптеки и др.

Во 2007 година го проширивме нашето портфолио со наш бренд Glanz, под кој дистрибуираме скутери, чопери, акумулатори, кациги, куфери и резервни делови за истите. Скутерите се произведуваат во Кина, но за парите се одличен избор бидејќи самиот мотор на истите е лиценца од познатите производители на скутери. Имаме свој салон и овластен сервис во Скопје, дистрибуција преку дилери низ цела Македонија и овластени сервиси. На почетокот кога почнавме имаше многу голем подем, но сега некако се засити пазарот и продажбата си продолжи по една линија.

БИ: Тешко ли беше на почетокот?

IMG_2762Татко ми уште пред да ја основа компанијата бил патник за производите на Жито Љубљана, од 70та и некоја. Со распадот на Југославија се случија промени и мораше да се отвори претставништво, наша фирма. Секој почеток е тежок, почнуваш од нула и постепено растеш. Со текот на времето се градеше компанијата и дојде до некое ниво на кое е денеска. Можам да се пофалам дека тимот со кој работиме е постојан, немаме флуктуации, се случува по некој исклучок, но генерално, во голем процент се истите луѓе можеби уште од почетокот. Тоа е на некој начин доказ дека и тие и ние сме задоволни. Се трудиме да ги негуваме тие односи, да бидеме фер кон нив, да ги наградуваме, а сето тоа допринесува за градење на довербата во тимот.

Работиме успешно веќе 23 години и постојано растеме. Доказ за нашата работа е сертификатот за бонитет од Стопанска комора, Excellent Macedonia, според рејтингот на групата Coface, која не оцени со осмица, што е многу висока оценка во однос на нивните критериуми. Во Македонија нема фирми со оцена 10, додека со 9 и 8 се само неколку. Бонитетот се проверува секој месец и ако нешто тргне надолу, веднаш го намалуваат рејтингот.

БИ: Кои брендови ги нудите?

1Во нашето портфолио имаме и многу познати и помалку познати, но многу квалитетни брендови. Од Жито Љубљана ги нудиме Херба бонбоните, Горењка чоколади, Маестро зачини, Бебе гриз, двопекот Златен Препеченец и 1001 цвет чаевите. Меркатор – Емба е застапен со брендот BenQuick. Го работиме Bonduelle, светски бренд за конзервирана храна. Во Македонија овој француски бренд не беше познат, а надвор секаде е присутен. Bonduelle луѓето не го знаеја, ама маркетиншки добро го позициониравме, луѓето пробаа и се навратија повторно, затоа што е со врвен квалитет. Food Care е голема корпорација од Полска, главен бренд им се La Mattina капучината, потоа Grana со Inkafe, шпанскиот Dedebo со пуканките за во микробранова (сите ги препознаваат по портокаловата препознатлива боја), Rolnik паштети кои спаѓаат во евтина категорија паштети и таму сме лидери на ова поле, Maspex со LaFesta капучино, Tiger енергетскиот пијалок и инстант чаевите Ecoland. Croco е бренд од Романија, кој го водиме околу една година и можам да кажам дека одлично поминува. Тука се и Instanta кафињата и пет различни вкусови пуканки на Pop Western. General Fresh ни е бренд за хемија, за одржување на хигиена, машката колекција Boxer, Convoy со брендот Magic Clean сунѓери и жици за домаќинство и храна за мачки и кучиња, Teo. Во моментов ова ни е портфолиото и засега ни е доволно.

be bi 003

БИ: Што оди подобро, поевтините или поскапите производи?

Кај нас во Македонија скапо поминува само познат бренд. Ако одиш со непознат, а квалитетен бренд, мораш да одиш со пониска цена, многу да се инвестира маркетиншки и постепено истиот да расте. Ни се случило да донесеме добар бренд, да не е познат, да го пласираме скапо и да не помине.

БИ: Со какви предизвици се соочувате денес?

Најголем предизвик во денешно време е да го задржиш тоа што го имаш, да ја сработиш ланската година, да ја стигнеш и да имаш повторно некој нормален раст. Инаку, генерално, сите компании го имаат истиот проблем, а тоа е наплатата. Се соочуваме со момент да имаме каде да пласираме роба, а да имаме проблем да ја наплатиме. Мораш да наоѓаш политики, да наоѓаш начини како тоа да го изведеш. Ако ја тужиш фирмата, ќе добиеш, ама со тоа веќе си ја затворил вратата и што понатаму? Тоа е единствениот проблем што го имаме, другото е секојдневие.

123

БИ: Што планирате понатаму? Можеби од дистрибуција да се префрлите на производство?

Секогаш постојат идеи и планови за иднината, сега за сега не планираме да започнеме со производство. Но, можеби ќе ја прошириме палетата на производи што ги нудиме. Има многу брендови што во Европа се ултра познати и популарни, а кај нас воопшто не се. Можеби ќе донесеме некој таков бренд во Македонија. Имаме и своја комора, па можеби ќе почнеме да работиме и со замрзната храна. Исто така размислуваме и за сопствен бренд за кој би произведувале други производители, но тоа може да биде и вовед за сопствено производство.