Најмногу извезуваме консултантски, компјутерски и услуги за рекламирање

72

На купувачи надвор од државата, во текот на 2018-та година, најмногу им биле обезбедувани консултантски, компјутерски и услуги за рекламирање, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

За домашните купувачи, деловните услуги се обезбедуваат, главно, во областа на посредувањето при вработување, како и во областа на правните и сметководствените услуги.

Во 2018 година, претпријатијата со над 20 вработени што вршеле деловни услуги го  оствариле најголемиот дел од вкупниот промет со обезбедување компјутерски услуги (65,1%),  услуги за посредување при вработување (13,9%) и услуги за рекламирање (11,7%).

Во однос на седиштето на деловниот субјект за кој е извршена деловната услуга, нешто повеќе од половината, односно 57,3% од прометот е создаден со обезбедување услуги за домашните купувачи, 36,1% во некоја од земјите на ЕУ, а во останатите земји се реализирани 6,6% од вкупниот промет.

Според специјализираниот вид на услугата, претпријатијата регистрирани за компјутерски услуги реализирале најголем промет од компјутерското програмирање, т.е. 67,1%, од услугите на веб-порталите 7,6%, додека 6,2% од прометот е остварен од трговија со компјутерска опрема и софтвер.

Претпријатијата што вршат услуги за посредување при вработување остваруваат најмногу промет од посредување при вработување кадар за компјутери и телекомуникации, односно 63%, за помошен канцелариски кадар 7,9% и 7,5% за медицински персонал.  Деловните субјекти што се занимаваат со рекламирање оствариле 80,5% од прометот со изработка на комплетна реклама, 11,5% од директен маркетинг и доставување рекламни материјали по електронска пошта и 7,9% за развој на концепт за реклами.

Фото: Pixabay