Најранливите категории ќе можат да побараат отпис на долговите

17

Најранливите категории граѓани од денес ќе можат да ги достават своите барања за отпис на долговите до најблискиот центар за социјална работа.

Станува збор за проектот на владата за еднократно отпишување на долгови чија цел е да им се помогне на најранливите категории на граѓани.

Ќе се отпишуваат долговите настанати до 31 декември 2013 година, по основ на потрошена електрична енергија, топлинска енергија, за кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки и потрошувачки кредити класифицирани во категорија Г и Д од страна на банките, а кои не се обезбедени, како и за радио дифузна такса.

Барања од понеделник ќе може да поднесат корисниците на социјална и постојана парична помош, невработени лица подолго од 12 месеци и лицата кои се изложени на социјален ризик поради смрт на брачен другар или инвалидност или потешка болест настанати во последните пет години.

Постапката е едноставна – граѓанинот треба да пополни основни податоци, име и презиме за себе и за брачниот другар и да пополни во формуларот каков вид долг има. Граѓанинот со себе треба да носи лична карта и лична карта на брачниот другар. Тие ќе треба да потпишат изјава со која ќе дадат согласност за државните институции да можат по службена должност да ги набават сите други потребни документи од државните институции со цел постапката да биде поедноставна за граѓаните и да не мора да одат по шалтери за да ја обезбедат потребната документација.

Со мерката заедно со главниот долг предвидено е да се отпишат и каматите, како и трошоците за нотари и извршители.

Во овој проект се вклучија сите банки во Македонија, ЕВН, ЕЛЕМ, Топлификација, МРТВ, две штедилници, како и Нотарската комора и Комората на извршители.