Највисоки цени од 2022 година: Брент нафтата надмина 115 долари

Цените на нафтата малку пораснаа минатата недела, но во текот на неделата значително флуктуираа, во зависност од тоа дали вестите укажуваат на ублажување или ескалација на кризата на Блискиот Исток.

На лондонскиот пазар, цената на барелот порасна за 0,3 проценти минатата недела, на 112,57 долари, додека на американскиот пазар, цената на барелот порасна за 1,3 проценти, на 99,64 долари. Утрово цената на ВТИ се тргува по цена од 100.6 долари за барел, а Брент се трува по цена од 115 долари за барел.

Ова се највисоките ценовни нивоа од јули 2022 година, кога пазарот беше потресен од војната меѓу Русија и Украина.

Сепак, во последните недели, цените на покачени нивоа беа поддржани од кризата на Блискиот Исток.

Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела изјави дека Иран мора да се согласи на договор за прекин на војната или нападите од страна на САД и Израел ќе бидат уште пожестоки.

Иранците, од друга страна, велат дека американскиот предлог за прекин на борбите е „едностран и неправеден“ и, со ретки исклучоци, тие сè уште не дозволуваат премин на танкери низ Ормутскиот теснец, што е поткрепено од покачените цени на нафтата.

Во четврток, Трамп повторно го продолжи рокот што му го постави на Иран да го отвори Ормутскиот теснец, овој пат за 10 дена. Доколку теснецот не се отвори дотогаш, САД ќе ја нападнат енергетската инфраструктура на Иран.

Техеран, од друга страна, инсистира дека теснецот не е затворен, дека транзитот е дозволен за бродовите на „пријателските земји“.

„Блокадата на Ормутскиот теснец досега „исфрли“ околу осум милиони барели нафта дневно од пазарот, а многу поголема количина е во опасност, па затоа премијата за геополитички ризик веројатно нема значително да се намали“, пишуваат аналитичарите на ING, Ева Мантеј и Ворен Патерсон, во својот преглед на состојбата на пазарот.

Севкупно, и оваа недела, велат аналитичарите, се очекува неизвесно тргување, а цените ќе зависат од тоа дали вестите за кризата на Блискиот Исток укажуваат на смирување или влошување на ситуацијата.

Главно поради кризата на Блискиот Исток, цената на барелoт на лондонскиот пазар се зголеми за повеќе од 80 проценти од почетокот на годината, а на американскиот пазар за речиси 75 проценти.