Фото: Pexels
Во првиот квартал од оваа година, просечната нето плата во Хрватска изнесуваше 730 евра. Според истражувањето на платформата за вработување MojPosao, во првиот квартал од 2017, освен категоријата топ менаџмент, која има 112% повисока плата од просекот, најплатени позиции се оние во областа технологија и развој (76% повеќе од просекот), ИТ (36%) и човечки ресурси (32%).
Најмали просечни плати имаат работниците во текстилната и кожарската индустрија (43% под просек), помошни занимања (38%) и работници во услужни дејности (33%).
Оние со завршен факултет имаат во просек 50% повисока плата од оние со средно, а 23% повисока од просечната. Оние со магистерска или докторат имаат 102% повисока плата во однос на оние со средно образование.
Висината на платата зависи и од сопственичката структура на компанијата. Платите во приватните фирми во странска сопственост се 13% повисоки од просекот, додека платите во фирми во претежно домашна сопственост се пониски за 5%.
Во фирмите со помалку од 10 вработени, платата е 12% под просекот. Во фирми до 19 работени, платата е 3% под просекот, додека во фирми од 20 до 49 вработени е 3% над просекот. Платата во фирми со преку 1.000 вработени е 6% над просекот.