Намалени трошоците на живот и цените на мало во февруари

18

piperki-sareni-pixabay

Фото: Pixabay

Трошоците на живот во февруари, во однос на претходниот месец, се намалени за 0,5%, додека кај цените на мало падот е за 0,6%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Намалувањето на трошоците на животот од 0,5% во февруари 2017 година, во споредба со претходниот месец, е резултат на пониските трошоци на свежиот и разладениот зеленчук, освен компирот, за 16,3%, свежото и разладеното овошје за 5,3%, полномасното млеко за 0,8%, другите преработки од месо за 0,3%, лебот и житата, јајцата и маслото и маснотиите за 0,2%.

Исто така, намалување на трошоците на животот е забележано и кај авионскиот превоз на патници за 31,5%, собирањето на смет за 4,7%, туристичките пакет -аранжмани за 3,8%, течните горива за домаќинствата за 1%, отпадната вода за 0,9%, играчките, игрите и хобија за 0,8%, велосипедите за 0,7%, мебелот за домаќинствата за 0,5%, материјалите за одржување и поправки на станот, услугите за лична хигиена
и предметите за лична хигиена и здравје за 0,2%.

Пораст на трошоците на животот во февруари 2017, во споредба со претходниот месец, е забележан кај замрзнатите морски плодови за 4,3%, безалкохолните пијалаци за 1,8%, другите преработки од риба и морските плодови за 1,7%, другите млечни производи за 1%, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,7%, сувото овошје и јаткастите производи за 0,4%, месото и замрзнатото овошје за 0,3%, сирењето и урдата, сушеното, соленото и чаденото месо, замрзнатиот зеленчук, освен компири, и другите прехранбени производи за 0,2%.

Во февруари, исто така, пораст на трошоците на животот е забележан и кај весниците, книгите и канцеларискиот материјал за 4,6%, гасот за домаќинствата за 4,3%, болничките услуги за 3,5%, телефон и телефакс апаратите и телефон и телефакс услугите за 3,4%, градините, растенијата и цвеќињата за 1,8%, резервните делови и опремата за сопствен превоз за 1,3%, средствата за чистење и одржување на станот и угостителските услуги за 1%, лековите и информатичката опрема за 0,9%, облеката за 0,6%, обувките за 0,5%, цврстите горива за домаќинствата, големите апарати за домаќинствата и другите услуги за опрема за сопствен превоз за 0,4%, услугите за одржување и поправки на станот, снабдувањето со вода и услугите за рекреација и  спорт за 0,3%.

Трошоците на животот во февруари 2017 година, во споредба со февруари 2016 година, бележат пораст од 0,2%, а цените на мало се зголемени за 1,3%.