Намалени трошоците на живот во ноември

25

Трошоците на живот во ноември оваа година, во однос на претходниот месец, се намалени за 0,1%, а кај цените на мало има пад од 0,6%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Намалување на трошоците на животот во ноември 2019 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежото и разладеното овошје за 9,6% и безалкохолните пијалаци за 0,3%.

Исто така, намалување на трошоците на животот е забележано и кај авионскиот превоз на патници за 23%, течните горива за домаќинствата за 2,3%, информатичката опрема за 1,8%, средствата за чистење и одржување на станот за 1,6%, електричните апарати за лична хигиена за 1,4%, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 0,9%, дисковите, касетите, дискетите, ЦД-ата, филмовите за 0,8%, стаклените садови, кујнскиот прибор и другата опрема за 0,7%, големите електрични апарати за домаќинствата, опремата за спорт, кампување и рекреација во природа за 0,6%, книгите за 0,5%, течните горива и мазива како дел од опремата за сопствени сообраќајни средства за 0,3%.

Пораст на трошоците на животот во ноември 2019 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежиот и разладениот зеленчук освен компирот и другите коренести плодови за 5,6%, сувото овошје и јаткастите производи за 1,6%, свежата и разладената риба за 0,8%, другите пекарски производи, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,7%, трбушките за 0,6%, жестоките пијалаци за 0,5%, лебот и житата, месото, сирењето и урдата за 0,4%.

Во ноември 2019 година, пораст на трошоците на животот, исто така, е забележан и кај гасот за домаќинствата за 4,5%, обувките за 2,3%, отпадната вода за 1,1%, автомобилите за 1%, другите лични предмети за 0,8%, другите медицински производи, туристичките пакет-аранжмани за 0,5%, снабдувањето со вода, мебелот и покуќнината за 0,3% и конфекцијата за 0,2%.

Трошоците на животот во ноември 2019 година, во споредба со ноември 2018 година, бележи намалување од 0,1%, а кај цените на мало има пад од 1,7%.

Фото: Pixabay