Народната банка од 24 декември започнува со примена на новата оперативна рамка на монетарната политика

На седницата на Советот, одржана на 5 декември 2025 година, беа усвоени регулативни измени според кои Народната банка ќе започне со примена на нова оперативна поставеност на монетарните инструменти, чијашто примена ќе започне од 24 декември 2025 година. Измените подразбираат модернизација на оперативната рамка, согласно најдобрите практики на централните банки за спроведување на монетарната политика.

Основен инструмент преку кој ќе се праќаат сигналите за поставеноста на монетарната политика и натаму ќе бидат благајничките записи, но нивната рочност се намалува на 7 дена. Аукциите на благајничките записи, коишто ќе се организираат еднаш неделно, во среда, ќе се спроведуваат со примена на тендер со износи (фиксна каматна стапка и ограничен износ на понуда). Народната банка ќе го одредува износот што ќе се понуди на аукцијата согласно тековните и проектираните ликвидносни услови во банкарскиот систем. Во овој контекст, заради навремена информираност на пазарните учесници, Народната банка на редовна неделна основа ќе ги споделува очекувањата за промената на ликвидноста во банкарскиот систем.

Инструментот расположлив депозит на седум дена кај Народната банка се укинува, а за оптимално ликвидносно управување на дневна основа, банките и штедилниците и натаму ќе може да го користат  расположливиот депозит преку ноќ. Во новата оперативна рамка, каматната стапка на расположливиот депозит преку ноќ се врзува за каматната стапка на благајничките записи, на ниво пониско за 50 базични поени и ќе се менува согласно промената на каматната стапка на основниот инструмент, на ист начин како што се менува каматната стапка на расположливиот кредит преку ноќ. Со тоа, од каматните стапки на расположливиот депозит и на кредитот преку ноќ се формира симетричен коридор во однос на основната каматна стапка на Народната банка во чии рамките би се движеле краткорочните каматни стапки на пазарите на пари.  

Во случај на позначително намалување на структурната позиција на ликвидноста во банкарскиот систем, Народната банка ќе овозможи операција за фино регулирање на ликвидноста. Овој инструмент би се активирал исклучиво на крајот на периодот на задолжителна резерва.

Целта на преминувањето кон нова оперативна монетарна рамка е засилување на сигналниот механизам на основниот инструмент на монетарната политика – благајничките записи. Измената ќе овозможи подиректен пренос на монетарните сигнали од промените на основната каматна стапка до каматните стапки на пазарите на пари, како прв канал за пренос на ефектите од поставеноста на монетарната политика.