Населба на иднината, еден автомобил ќе делат три семејства

202

Холандија е дом на повеќе велосипеди отколку луѓе и може да се пофали со една од најимпресивните мрежи за велосипедски патеки што се протега не помалку од 35.000 километри низ целата земја.

Утрехт е четвртиот по големина град во Холандија, седиште е на најголемиот универзитет во земјата и транспортен центар, со тенденција да се зголеми популацијата. Сепак, во тој град ќе има населба којашто целосно ќе почива врз принципите на одржливост и заштита на животната средина.

Првите жители на Мервејд ќе можат да се преселат во 2024 година, рече холандскиот советник Кис Дипевин. Населбата е посебна по тоа што ќе има заеднички автомобили и велосипеди, кои ќе бидат достапни за сите што живеат таму, со цел да се заштити животната средина и да се подигне нивото на холандската култура за велосипедизам.

Планирано е оваа населба да биде дом за 12.000 луѓе, а идејата е три домаќинства да делат еден автомобил, пишува Fast Company.

На ова место сега се наоѓа деловен центар полн со канцеларии, а ќе се претвори во станбена површина со повеќе од 200 згради и 6.000 станови. Секој блок згради ќе има свој двор и пешачка зона долж каналот.

“Тоа ќе биде населба со сите основни работи за секојдневниот живот. Ќе има супермаркети, основни и средни училишта, болници, и тоа се на дистанци до кои може да се стигне пеш. Луѓето ќе можат да купуваат, да работат, спортуваат и да се релаксираат на градскиот плоштад“, рече Дипевин.

Тој потенцира дека иако Утрехт е велосипедски град, автомобилите се и понатаму популарни и затоа е неопходна промена на начинот на размислување.
Утрехт е еден од градовите во земјата којшто има тенденција на најбрз раст на жители. Квартот Мервејд е важен бидејќи на луѓето им нуди можност да живеат во градот, опколени со велосипедски патеки, наместо да градат нови предградија на периферија.

Фото:Printscreen