Нашата визија е да го збогатиме пазарот со нови и атрактивни наслови

219
zorica teofilova
Зорица Теофилова, главен уредник на издавачка куќа Полица

Издавачката куќа Полица, подружница на Конгресен Сервисен Центар, и оваа година ќе биде присутна на Саемот за книга. Ова ќе биде второ излагање под брендот Полица, а главниот уредник Зорица Теофилова најавува нови наслови до крајот на оваа година. “Имаме воспоставено контакти со врвните издавачки куќи во светот, со цел секогаш на читателите да им понудиме добри наслови. Се трудиме да понудиме наслови што се жанровски различни, но и со кои ќе опфатиме различни сегменти од читателската публика”, вели Теофилова во интервју за Бизнис Инфо.

БИ: Полица е релативно нова издавачка куќа. Кажете ни нешто повеќе за вашите изданија?

Брендот Полица е од пред речиси три години, инаку Конгресен Сервисен Центар се занимава со издаваштво од 2009 година, кога почна реализацијата на неколку домашни проекти во областа на издавачката дејност. Па така, Конгресен Сервисен Центар учествуваше во реализација на проектот Превод на литературни дела од автори добитници на Нобеловата награда за литература, Превод на 130 тома македонска книжевност на англиски јазик, Подготовка на седум антологии на македонски јазик од Проектот 130 тома македонска книжевност, Превод на тие 7 антологиски избори на шест странски јазици, како и во обемниот проект Ѕвезди на светската книжевност, кој беше комплетиран неодамна.

Токму големиот обем на издадени книжевни дела поврзани со овие домашни проекти, во 2012 година ја наметна потребата за комерцијализација на издавачката дејност на Конгресен сервисен центар. Така се роди идејата за подружницата – Издавачка куќа Полица. Нашата визија е да се зголеми бројот на комерцијални изданија и да се збогати пазарот со нови и атрактивни наслови. Имаме воспоставено контакти со врвните издавачки куќи во светот, со цел секогаш на читателите да им понудиме добри наслови. Се трудиме да понудиме наслови што се жанровски различни, но и со кои ќе опфатиме различни сегменти од читателската публика.

2

БИ: Ќе бидете присутни на овогодишниот Саем на книгата. Ова ќе биде ваше второ излагање на Саемот. Со што ќе се претставите оваа година?

Да, ова ќе ни биде второ излагање под брендот Полица. За овој саем на читателите ќе им понудиме над десетина нови наслови. Пред сè, сакам да го истакнам заокружувањето на трилогијата Дивергенти, односно излегувањето од печат на вториот и третиот том од трилогијата (Бунтовници и Предани). Оваа трилогија е и филмувана, а токму минатиот месец беше промовиран и третиот филм Предани. Дел од оваа трилогија е и придружната книга Четворка, која исто така е подготвена за саемот.

Уште една трилогија која ја почнавме, со објавување на првиот том за овој саем, е еротскиот роман Т.А.Ј.Н.А, меѓународен бестселер во овој жанр на литература. Оваа пролет очекуваме од печат да излезат и другите два тома од оваа софистицирано напишана еротска приказна која зборува за сексуалното ослободување на една жена.

Исто така, би ги препорачала книгите Принцезата Бари, една топла приказна што зборува за тешкиот живот, храброст и одлучност на младата севернокорејка Бари, потоа книгата Ние децата од железничката станица „ЗОО“ – добро познатата приказна, која е и филмувана – за пеколното искуство на едно девојче со дрогата, како и забавната и куса новела Книгите што го проголтаа татко ми.

Секако, имаме и понуда за најмладите читатели. Тука е популарната Џорџ и тајниот клуч на универзумот на светски познатиот научник Стивен Хокинг (продолженијата на оваа книга се во подготовка и ќе излезат пролетва), како и една мошне интересна книга, Урнебесна физика, во која преку интересни и лесни експерименти на децата им се доближуваа физиката, која вообичаено важи за нешто „страшно“.

4

БИ: Која е првата книга што ја издадовте? Кои жанрови се најчитани од вашата понуда?

Првата објавена книга под брендот Полица беше Габите во Македонија од Санде Стојчевски, едно навистина извонредно издание кое беше наградено од Здружението на книжари и издавачи. Потоа следуваше романот Роб од Сингер, како и авторската приказна-сликовница Кралот Арктик и Северот. Најчитани се романите од серијалот Дивергенти, наменети за тинејџерската публика, потоа класиците Улис на Џојс и Моби Дик на Мелвил, како и драмите на Шекспир.

БИ: Како го оценувате македонскиот пазар на книги? Каква е културата на читање кај нас во споредба со европските земји? Каква е Вашата стратегија за привлекување на нова публика?

Книги се читаат. Луѓето сакаат да се одморат со добра и интригантна приказна. Знаејќи го тоа, нашиот уреднички тим се стреми да обезбеди квалитетни наслови за читателите. Тоа се поклопува со стратегијата за постојано следење на квалитетните наслови за деца, за млади и за возрасни, а притоа не ги одбираме само најпродаваните, туку и квалитетно напишаните. Затоа сме горди да се пофалиме со имиња како Стивен Хокинг, Исак Башевис Сингер, младата и револуционерна Вероника Рот и од неанглиско говорно подрачје неверојатниот севернокореец Хван Сок-Јон, како и „откачениот“ португалец Афонсо Круж и планетарно познатиот готвач Ентони Бордејн. Но сепак, има уште простор за подобрување на нашата култура на читање и за привлекување нова публика.

3

БИ: Какви се плановите во иднина? Ќе се проширувате жанровски, во тираж?

Како што веќе споменав, во претстојниов период, пред летните одмори треба да излезат од печат уште две книги од серијалот за деца Џорџ на Хокинг, како и да се заокружи еротската трилогијата Т.А.Ј.Н.А. Потоа, ќе издадеме романи од двајца млади и актуелни автори, Како завршува светот од Марија Ксилури од Грција и Смртта на еден среќен човек од италијанецот Џорџо Фонтана, но и уште еден роман Куклата на Кокошка од необичниот Афонсо Круж. Иако млади, овие автори веќе се добитници на литературни награди. Покрај романите, оваа година во план ни е издавање и на четири дела од светски познатиот дипломат Хенри Кисинџер, со што сакаме да ја прошириме нашата издавачка програма и со дела што не се белетристички и на тој начин да ја допреме до еден нов круг на читатели.