Анкетата за инфлациските очекувања и очекувањата за движењето на реалниот БДП спроведена во декември не упати на позначајни промени во очекувањата на економските аналитичари во поглед на движењето на инфлацијата и БДП во периодот 2017 – 2019 година, стои во соопштението на Народна банка на Република Македонија (НБРМ).
Поголема ревизија на очекувањата се забележува единствено кај очекуваната стапка на економски раст за 2017 година којашто сега е пониска, приспособување кое економските аналитичари го објаснуваат со збирните податоци за растот на БДП за првите три квартали од годината, како и со движењата кај високофреквентните показатели во последниот квартал.
Економските аналитичари очекуваат постепено забрзување на инфлацијата и на економскиот раст во периодот 2017 – 2019 година. Така, за 2017 година очекуваат просечната стапка на инфлација да изнесува 1,4%, а потоа умерено да забрза на 1,8% и 2,0% во 2018 и 2019 година, соодветно. Испитаниците ја објаснуваат нагорната патека на инфлацијата за наредните две години со повеќе фактори како: зголемената минимална плата, повисоката акциза за дизел горивата, зголемувањето на акцизата на цигарите, либерализацијата на цената на струјата, секундарните ефекти од најавените промени во персоналниот данок на доход, како и со очекуваниот раст на цените на примарните производи на светскиот пазар. Споредено со претходната анкета очекувањата се речиси непроменети (минимална нагорна ревизија од околу 0,1 процентни поени за 2017 и 2018 година).
Во поглед на економската активност, просечните очекувања за реалниот раст на БДП изнесуваат 0,6%, 2,5% и 3% за 2017, 2018 и 2019 година, соодветно. Испитаниците го поврзуваат закрепнувањето на активноста во наредниот двегодишен период со стабилизирањето на политичката состојба во земјата, повисокиот раст на личната потрошувачка поврзан со зголемената минимална плата, најавите за продолжување на проектите поврзани со патната инфраструктура и враќањето на довербата на домашните и на странските инвеститори.
Во однос на октомври, испитаниците очекуваат понизок раст за 2017 година (за 0,5 проценти поени), додека очекувањата за 2018 и 2019 година се речиси непроменети (минимална нагорна ревизија на очекуваниот раст за 2018 и 2019 година од околу 0,1 процентни поени).