НБРМ: Банките ја засилија кредитната поддршка на приватниот сектор во последниот квартал

17

nbrm-logo-pocetna

Банкарскиот сектор во последниот квартал на 2016 година ја засили кредитната поддршка на приватниот сектор. Кредитите на банкарскиот сектор забележаа забрзан раст од 2,7% во четвртиот квартал, наспроти 0,2% во претходниот квартал, покажуваат податоците од Кварталниот извештај на Народната банка на Република Македонија (НБРМ).

Најголемиот дел од кредитниот раст е остварен во последниот месец на 2016 година, што претставува карактеристика за движењата на кредитниот пазар во последните три години. Во четвртиот квартал, како што се наведува, се забележува понатамошно исцрпување на ефектот од измените во регулативата на НБРМ за пренос на дел од сомнителните и спорни побарувања на банките во вонбилансна евиденција.

Зголемувањето на кредитирањето на приватниот сектор во четвртото тримесечје е под влијание на растот на кредитите на претпријатијата, при натамошен раст и на кредитите на населението.

Од аспект на валутната структура, зголемувањето на кредитната активност во овој период целосно произлегува од растот на денарските кредити, при понатамошно намалување на девизните кредити, но со умерено посилно темпо.

Долгорочните кредити и понатаму растат на квартална основа, но посилно во однос на претходниот квартал. Како резултат на тоа, краткорочните и долгорочните кредити имаат речиси подеднаков придонес во кварталниот раст на вкупните кредити.