НБРМ донесе одлука за затегнување на монетарната политика

14

На редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, одржана на 3 мај 2016 година, беше одлучено каматната стапка на благајничките записи, како основна каматна стапка, да биде зголемена за 0,75 процентни поени, од 3,25% на 4%.

Одлуката за затегнување на монетарната политика е реакција на зголемената побарувачка на девизи и притисоците врз депозитната база на банките, коишто во целост се последица на влошените очекувања на економските субјекти предизвикани од, како што се наведува, нестабилната политичка состојба во земјата.

Со тоа, промената на каматната стапка е одговор на делувањето на фактори од неекономска природа. Од друга страна, НБРМ и понатаму ги оценува економските фундаменти како здрави, без присуство на поголеми нерамнотежи во економијата.

Сите досегашни показатели упатуваат на солиден економски и кредитен раст, без ценовни притисоци и без притисоци во надворешниот сектор. Дефицитот во тековната сметка и натаму е умерен, со позитивни преносни ефекти од структурните промени во извозниот сектор и со доволно финансиски приливи за негово финансирање. Воедно, сите показатели за девизните резерви постојано покажуваат нивно соодветно ниво, што е доволно за справување со шокови.

НБРМ, како и досега, и во следниот период внимателно ќе ги следи движењата и доколку е потребно, ќе направи дополнителни промени во монетарната политика за целосно стабилизирање на состојбите и на очекувањата на економските субјекти, со цел успешно да се остваруваат целите на монетарната политика.