НБРМ: Економијата закрепнува солидно со поддршка и од кредитната активност на банките

5

Економијата закрепнува со солидно темпо, во еден дел поддржана и преку кредитната активност на домашните банки, меѓу другото, беше утврдено на редовната седница на Комитетот за оперативна и монетарна политика на Народна банка на Македонија (НБРМ).

Економското закрепнување, како што се нотира, се одвива во отсуство на ценовни притисоци. Ваквите движења упатуваат на постоење соодветен амбиент за одржливо закрепнување на приватниот сектор, при што беше оценето дека досегашната поддршка на домашната економија преку преземените мерки на монетарната политика е доволна.

Излегувањето од зоната на приспособлива монетарна политика во следниот период ќе зависи од промените во надворешната позиција на економијата и ефектите врз девизните резерви.

Oцената на економските и финансиските услови покажа дека постојната монетарна поставеност е соодветна и беше одлучено на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво на износот којшто достасува (25.500 милиони денари), со непроменета каматна стапка од 3,25%.

Најновите показатели за економската активност покажуваат дека во согласност со очекувањата, домашната економија продолжува да расте и во текот на вториот квартал, при што кај некои од клучните сектори (индустријата и трговијата) можни се подобри остварувања споредено со првиот квартал. Податоците со јули навестуваат задржување на позитивните економски трендови и во текот на третиот квартал.

Најновите податоци за инфлацијата во август 2014 година покажуваат мал месечен пад на општото ниво на цени, за што најголем придонес имаат пониските цени на енергијата. Во вакви услови, годишната стапка на инфлација во август повторно е умерено негативна и изнесува -0,5%, по регистрираниот благ раст во претходниот месец (0,3%). Инфлациските остварувања со август 2014 година упатија на нешто пониска стапка на инфлација во однос на очекуваната со априлската проекција. Најновите очекувања за увозните цени навестуваат помали притисоци врз инфлацијата од очекуваното.

На почетокот на септември, во однос на крајот на вториот квартал, девизните резерви забележаа раст, во најголем дел како ефект од надворешното задолжување на државата на меѓународниот пазар на капитал, како и повлекувањето средства од Светската банка врз основа на Заемот за развојни политики за конкурентност.

Прелиминарните податоци за август укажуваат на солидно темпо на годишен раст на вкупните кредити, при што динамиката на кредитната активност е во согласност со проекциите. Сепак, како и во претходниот месец, и во август е забележано поумерено месечно зголемување.

По умерениот раст во јули, прелиминарните податоци заклучно со август упатуваат на солиден раст на депозитите и намалување на надолното отстапување во однос на проекцијата. Движењата на кредитниот пазар даваат сигнал за постабилни очекувања и преносни ефекти на досегашното монетарно олабавување врз кредитната активност. Сепак, во услови на неизвесен амбиент, и натаму се присутни надолните ризици околу кредитирањето на приватниот сектор, иако помалку нагласени.

Ликвидноста на банките се зголеми под влијание на автономните фактори, при што банките го пласираа вишокот ликвидни средства во краткорочни финансиски инструменти. На домашните пазари на пари, прометот се задржа на релативно стабилно ниво, при што беше регистрирано зголемено меѓубанкарско тргување преку склучување репо-трансакции.

Општо земено, најновите оцени на НБРМ не упатуваат на големи промени во амбиентот за спроведување на монетарната политика. Се очекува показателите за адекватност на девизните резерви и натаму да останат во сигурна зона. Воедно, со оглед на задолжувањето на државата на меѓународниот пазар на капитал, што не беше вградено во рамки на последните проекции, показателите за адекватност за 2014 година ќе бидат и подобри од очекуваните.

При вакви поволни економски услови, во следниот период НБРМ главно ќе биде насочена на следењето на остварувањето на проектираната патека на девизните резерви и случувањата на девизниот пазар и ќе ја приспособува монетарната политика соодветно на тоа.

Како и досега, ризиците за основното макроекономско сценарио главно се од надворешна природа и се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст и растот на светските цени на енергијата и храната.