НБРМ: Економски раст од 2,3% во 2016 година

16

Најновата оцена за економскиот раст во 2016 година изнесува 2,3%, со инфлација од 0%, беше истакнато на седницата на Советот на Народната банка на Република Македонија, на којашто беше разгледан Кварталниот извештај за третиот квартал.

“Се очекува дека овој резултат ќе биде постигнат во услови на дефицит на тековната сметка на билансот на плаќања од 2,1% од бруто домашниот производ. Во рамки на тековната сметка, салдото во размената на стоки и услуги е поволно поради стеснувањето на енергетскиот дефицит, при пониски цени на енергентите на светските берзи и ефектите од новите извозни капацитети, додека годишните остварувања кај дел од традиционалниот сектор се понеповолни. Притоа, и годинава странските директни инвестиции и надворешното задолжување се главните извори на финансирањето на дефицитот на тековната сметка. Во текот на целиот период, показателите за адекватноста на девизните резерви беа во сигурната зона“, стои во соопштението на НБРМ.

Најновите проекции за 2017 и 2018 година, како што се наведува, упатуваат на забрзување на економскиот раст и остварување на стапки од 3,5% и 3,7%, соодветно. За 2017 година се очекува дека дефицитот на тековната сметка ќе изнесува 2,3%, а за 2018 година 2,6%. Растот на цените умерено ќе забрза во 2017 и 2018 година при што очекуваните стапки на инфлација изнесуваат 1,3% и околу 2%, соодветно.

Се очекува дека во 2017 година растот на домашната побарувачка ќе произлезе од инвестициите и личната потрошувачка и дека таа ќе има поголем придонес кон растот на БДП отколку во 2016 година. И за 2018 се очекува дека посилниот раст и на личната и на инвестициската потрошувачка ќе доведе до продолжување на растот на домашната побарувачка. Ова соодветствува со очекуваната солидна кредитна поддршка од страна на банките, од 6,4% во 2017 година и 6,7% во 2018 година. За наредните две години се очекува дека депозитите во банкарскиот систем ќе растат со стапка од 7,5% годишно.

И за 2017 и 2018 година се очекува дека дефицитот на тековната сметка во целост ќе биде покриен од финансиски текови, коишто ќе овозможат и дополнителен раст на девизните резерви. Показателите за адекватноста на нивното ниво и натаму ќе бидат во сигурната зона.