НБРМ издаде и пушти во оптек ковани пари за колекционерски цели

3

nbrm-logo-pocetna

Народната банка на Република Македонија (НБРМ) ги издаде и пушти во оптек кованите пари за колекционерски цели Година на кучето – богата година на кучето, Година на кучето – безбедна година на кучето, Руски лавиринт и 50 години од Македонската академија на науките и уметностите, стои во соопштението.

Кованата пара Година на кучето – богата година на кучето ги има следниве карактеристики: на аверсот, во центарот на монетата се претставени грбот на Република Македонија и годината на издавањето на монетата – 2018. Околу монетата (по должината на периметарот) се прикажани натписи на македонски јазик: Република Македонија и 100 денари; на реверсот, во центарот на монетата е претставена слика на куче во боја што влече запрежна кола на две тркала исполнета со златни монети. Во заднината се прикажани листови од детелини. Над централната слика на монетата се наоѓа натписот: Богата година на кучето на англиски јазик.

Кованата пара Година на кучето – безбедна година на кучето ги има следниве карактеристики: на аверсот, во центарот на монетата се претставени грбот на Република Македонија и годината на издавањето на монетата – 2018. Околу монетата (по должината на периметарот) се прикажани натписи на македонски јазик: Република Македонија и 100 денари; на реверсот, во центарот на монетата е претставена слика на куче во боја претставено како заштитник на домот – куче кое прегрнува куќа. Над куќата е прикажано небо со ѕвезди, Сонцето и Месечината. Во горниот дел од реверсот на монетата (по должината на периметарот), се наоѓа натписот Безбедна година на кучето на англиски јазик.

Овие ковани пари се изработени од сребро Ag925, со тежина на среброто од 28,28 г, чистота на среброто од 26,16 г и во кружна форма со димензија 38,61 мм.

Цената на кованите пари Година на кучето – богата година на кучето и Година на кучето – безбедна година на кучето изнесува 3.200 денари.

Кованата пара Руски лавиринт ги има следниве карактеристики: на аверсот, во централниот дел е прикажан лавиринтот со две дупки на кованата пара. Во горниот дел од аверсот е претставен грбот на Република Македонија, а под грбот – годината на издавање 2017. Околу кованата пара се наоѓаат натписите: Република Македонија и 100 денари (на македонски јазик) и латинската изрека Per aspera ad astra (со значење низ трње до ѕвездите); на реверсот, во централниот дел е прикажан лавиринтот што се наоѓа во Долната градина во Петровиот дворец (Петерхоф) (Русија), со фонтана во центарот и Петровиот дворец во позадина. На двете страни од лавиринтот се претставени портрети. На левата страна е прикажана статуа на Петар Велики – творец на лавиринтот во Петровиот дворец, а на десната страна – статуа на Ана Јоановна, која ја продолжила работата на Петар Велики. Во централниот дел на кованата пара се наоѓа натписот Russian labyrinth. Исто така, прикажани се натписите: Peter the Great и Anna Ioannovna (околу кованата пара, по должината на периметарот) и ознаката Ag925 во долниот дел од кованата пара.

Овaa кованa парa е изработенa од сребро Ag925, со тежина на среброто од 50,45 г, чистота на среброто од 46,67 г и во кружна форма со димензија 47,00 мм.

Цената на кованaтa парa Руски лавиринт изнесува 4.300 денари.

Кованата пара 50 години од Македонската академија на науките и уметностите ги има следниве карактеристики: на аверсот, во горниот дел од монетата е претставен грбот на Република Македонија и натписот Република Македонија на македонски јазик. Во централниот дел на монетата се претставени натписите: 1967-2017 50 години и бројот 50 во чија средина е претставено логото на Македонска академија на науките и уметностите Скопје. Во долниот дел на монетата се претставени натписите: 100 денари и годината на издавање 2017; на реверсот, во централниот дел на монетата е прикажана слика на зградата на Македонска академија на науките и уметностите, а под неа натписите 1967-2017 и Аg925. Околу монетата, по должината на периметарот е прикажан натписот: Македонска академија на науките и уметностите Скопје на македонски јазик.

Оваа кована пара е изработена од сребро Ag925, со тежина на среброто од 28,28 г, чистота на среброто од 26,16 г и во кружна форма со димензија 38,61 мм.

Цената на кованата парa 50 години од Македонската академија на науките и уметностите изнесува 2.500 денари.

Кованите пари за колекционерски цели издадени од Народната банка се законско средство за плаќање во Република Македонија.